Димитров: Од светскиот ден на културното наследство до негово распродавање
- Пишува Тони Димитров член на централен комитет на партијата Левица и координатор на сектор култура.
Меѓународниот ден за споменици и локалитети, исто така, познат како Светски ден на културното наследство се одбележува на 18 април. Денот првпат беше прославен од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) во 1983 година. Неговата цел е да ги инспирира луѓето и локалните заедници да го ценат културното наследство. Заедно со зачувувањето на спомениците, денот има за цел да ја зголеми јавната свест за различноста и ранливоста на културното наследство.
Културното наследство во Македонија е богато и разновидно – почнувајќи од праисторијата, преку антички локалитети, византиски и османлиски споменици, до објекти од поновата историја. Нашата древна и разновидна историја, е богата со важни културни споменици, обичаи и традиции, кои се резултат на вековниот развој и влијанијата на различните култури.
Но, Македонија со своето богато културно наследство, се соочува со сериозен проблем на негрижа и немар кон истото. Зачувувањето и одржувањето на оваа богата културна оставштина бара значителни финансиски средства, експертиза и долгорочни стратегии, што очигледно или го немаме или едноставно не се вложува, па културно наследство страда од занемарување од страна на државата, која не пронаоѓа начини да го заштити и одржи.
Оваа власт (а не ги амнестираме ни претходните) не само што не презема конкретни мерки за заштита, конзервација и промоција на своето културно наследство, туку и Министерот за култура Зоран Љутков, на самиот Светски ден на културното наследство во едно свое интервју изјавува дека треба да се смени законот со што ќе се овозможи на приватниот сектор да може да прави бизнис од културното наследство.
Неретко, во насловот на веста знае изјавата да се извади од контекст, па затоа решив да ја изгледам целата емисија за автентично да се уверам во искажаното. Изјавата, како и целото интервју за проблемите од областа на културата, беа несмасни, но укажува на некоја долгорочна интенција на оваа власт, па затоа не би било лошо проблемот и да го изанализираме.
Вистина е дека зачувувањето и управувањето со културното наследство станува сè поголем предизвик, особено поради ограничените буџети на јавните институции, и особено во културата. Во тој контекст, сè повеќе се појавува потребата од вклучување на приватниот сектор, преку процеси како приватизација или јавно-приватни партнерства.
Приватизацијата на културното наследство претставува контроверзна појава. Таа често подразбира отуѓување на одредени објекти или ресурси од јавна сопственост и нивно пренесување во рацете на приватни субјекти. Поддржувачите на оваа теза тврдат дека приватниот сектор може поефикасно да управува, инвестира и го одржува наследството, особено кога државата нема доволно ресурси. Сепак, критичарите укажуваат и на опасностите, како комерцијализација, губење на автентичноста и ограничен пристап за јавноста, конечно повторна негрижа и запоставување, а во својата суштина, претставува закана и по идентитетот, колективната меморија и културната автономија.
Алтернатива на целосната приватизација е јавно-приватното партнерство, модел во кој јавниот и приватниот сектор соработуваат на одреден проект или активност, со заедничка одговорност и поделба на ризиците и добивките. Во контекст на културното наследство, ова може да значи:
– реконструкција и адаптација на историски објекти за нови намени (музеи, културни центри…);
– развивање на туристички понуди околу културни споменици;
– промоција и дигитализација на културно наследство.
Овој модел би можел да дозволи одржливо користење на културното наследство, со зголемено учество на заедницата и привлекување на нови инвестиции, НО ИЗИСКУВА јасна регулатива, транспарентност и мониторинг, за да се избегне злоупотреба, што кај нас е многу можна.
За и против
Позитивна страна на ЈПП е што може да донесе финансии, технологија и нови пристапи во одржувањето, а во исто време се задржува јавниот интерес.
Од друга страна проблем може да биде недоволна транспарентност, слаб надзор од институциите и недоверба од страна на јавноста, особено кога културното наследство се третира како економски ресурс, негова злоупотреба, експлоатација, итн.
Во Македонија досега нема многу примери на целосна приватизација на културно наследство, но има случаи каде државата отстапила објекти (или нивна намена) на приватни субјекти, што верувам дека и овојпат сакаат да биде случај.
Случај Македонија
Многу споменици, како древните локалитети, цркви, манастири и традиционална градска и селска архитектура, се оставени на милоста на (не)времето, што доведува до нивно оштетување и намалување на автентичноста. Факт е и дека Министерството за култура не издвојува доволно средства за заштита на културното наследство, нашиот единствен адут во претставувањето пред светот и заштита на сопствената историја и идентитет, кои жестоко се напаѓани од соседските шовинистички политики.
Скопската чаршија е загрозена од различни аспекти-еден од нив се дивоградбите или своеволните интервенции. Скопското Кале сè уште не е ставено во функција и полека пропаѓа. Руинираниот Аквадукт е пример за негрижа за културното наследство иако напати се најавуваше негова реконструкција во културен локалитет. Тука се и катастрофалната состојба на спомениците од НОБ, уништувањето на културното богатство во Охрид-заштитено од УНЕСКО, илегалните трговии со археолошки и уметнички предмети, чиј процес на враќање на пронајдените археолошки и уметнички дела е долг и неизвесен, непокревањето на прашањата за реституција на украденото културно наследство (како, на пример, 257 предмети, најдени на локалитетот Требениште, се наоѓаат во Србија), големиот број на археолошки локалитети кои се оставени без археолошки надзор или запуштени. Сето ова е само врвот од ледениот врег на низата на македонското културно наследство што пропаѓа.
Каков е законот
Законската рамка во Македонија (Закон за заштита на културното наследство и Закон за јавно-приватно партнерство) дозволува, но строго регулира вклучување на приватниот сектор во културното наследство. Јавно-приватните партнерства се можни, но потребно е:
– Одобрение од државните институции;
– Задолжително почитување на заштитните услови;
– Договорна обврска за одржување и недеструктивно користење;
– Транспарентна и јавна постапка.
Додека Закон за концесии и други форми на јавно приватно партнерство обезбедува дополнителна регулатива за случаи кога културни ресурси се даваат на користење или управување преку концесија, а во културниот сектор ова е особено важно кога се работи за „туристичка експлоатација“ на локалитети.
Има ли чаре?
Па нормално дека има. Нема ништо ново под сонцето и ништо ново ние не треба да измислуваме, туку само да ископираме и примениме она што секоја нормална земја го прави со своето културно наследство.
Инвестирањето во образование, поддршка на културни проекти, кампањи за промоција и стимулирање на свеста за важноста на културното наследство се само некои од начините за обезбедување на неговата трајност и збогатување на националниот идентитет, наместо негова продажба на приватниот сектор. Вложување во одржувањето треба да ни биде приоритет, додека негова презентација пред светот нашиот модус операнди.
Очигледно дека оваа власт, па и таа пред неа, нема ниту капацитет, ниту знаење, очигледно ниту интерес да го заштити и зачува највредното: македонското национално културно наследство.
Наместо заклучок
Како и секоја година Светскиот ден на наследството има своја тема, а за 2025 година тоа е „Наследството под закана од катастрофа и конфликти“. Каква поголема катастрофа може да ни се случи од негрижата и уништувањето на сопствените темели? Светскиот ден на културното наследство треба да ни биде укажување, потсетување и апел дека грижата за културата на еден народ е грижа за себе си и својот идентитет. Културното наследство е материјалната страна на националниот идентитет и со негово пропаѓање или распродавање, ќе останеме без себе си.