Објавена книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“
По повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на еден од најзначајните современи македонски поети, Раде Силјан, Здружението за уметност и култура „Дијалог“, деновиве ја објави книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“. Приредувач на изданието е Иван Антоновски, којшто е автор и на обемниот предговор.
– Беспоговорно, комплексна и тешка е задачата и/или определбата да се издвојат канонските автори меѓу нашите современици, особено оние автори со активен творечки опус. Но ако се има предвид творечкиот резултат и рецепцијата, односно валоризацијата од книжевната критика (и тоа и кажаното и намерно или ненамерно премолченото), обемот на досегашниот опус и неговата поетичка кохерентност, недвојбена е констатацијата дека Раде Силјан е еден од авторите што со сето она што како поет го има вградено во вертикалата на современата македонската поезија е еден од современиците-стожерници на македонскиот книжевен канон. Оттука, јубилејните 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата стихозбирка на Силјан се само повод за оваа книга на која се работеше неколку години наназад. Причината е многу посуштинска, и не се однесува одделно (само) на творештвото на Силјан, туку на современата македонска книжевност. Поконкретно, оваа книга е остварување на дел од долгот што го имаме кон неа, особено кон нејзината историја, напоменува, меѓу другото, Антоновски во предговорот, посочувајќи дека оваа книга има за цел да овозможи сето напишано и кажано досега да се има предвид во натамошното (пре)вреднување и во испишувањето на новите страници на нашата книжевна историја.
Во „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“, едновремено се опфатени најзначајните текстови за Силјан од академската критика и критики од поети и писатели што се остваруваат и како книжевни критичари, при што изданието содржи близу осумдесет текстови од четириесет и пет автори, меѓу кои и: Миодраг Друговац, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петар Т. Бошковски, Веле Смилевски, Данило Коцевски, Науме Радически, Паскал Гилевски, Јован Павловски, Светлана Христова-Јоциќ, Гордана Михаилова-Бонакоска, Ефтим Клетников, Благоја Иванов, Санде Стојчевски, Луан Старова, Димитар Пандев, Блаже Миневски, Весна Мојсова-Чепишевска, Марина Мијаковска и др., како и странските посветеници: Радомир Ивановиќ, Мирољуб М. Стојановиќ, Думитру М. Јон, Сретен Перовиќ, Благовеста Касабова, Миќо Цвиетиќ, Душан Стојковиќ и Владимир Луков.
Раде Силјан е роден на 16 април, пред 75 години. Поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Поезијата на Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија.
Претходно, по повод јубилеите, Здружението за уметност и култура „Дијалог“ објави и избор од поезијата на Раде Силјан, „Лажно време“.