АктуелноИнтернационално

Трамп ја распарчи западната хармонија – Фон дер Лаен најавува нова улога за Европа

„Западот каков што го знаевме повеќе не постои.“ Со оваа реченица, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен постави мрачен, но решителен тон во интервју за германскиот весник Die Zeit, сигнализирајќи дека Европската унија мора да ја напушти традиционалната улога на пасивен сојузник и да зачекори на глобалната сцена со поактивна, посамостојна надворешна политика.

Фон дер Лаен, иако самата се декларира како „убеден атлантист“ и „голем пријател на САД“, предупредува дека политиката на американскиот претседател Доналд Трамп носи „историски промени“ што ја принудува ЕУ да преземе нова геополитичка позиција. Како што наведува, актуелната криза во односите помеѓу американската администрација и Европа, заедно со пошироките тензии – како ривалството помеѓу Кина и САД и „империјалните амбиции на Путин“ – водат кон глобален неред, наместо кон редот што со децении се градеше.

„Она што претходно го сметавме за светски поредок сега се претвора во глобален неред“, рече таа, со јасна нота на разочараност, но, и повик на одлучност.

Во такви услови, според неа, Европската унија треба да се преформира и да стане субјект, а не објект на светските случувања.

„Потребна ни е нова, поинаква Европска унија, подготвена да зачекори на глобалната сцена и активно да учествува во обликувањето на новиот светски поредок што доаѓа“, додаде Фон дер Лаен.

Во свет каде САД, поради својата нова надворешна и трговска политика, се помалку предвидлив партнер, таа го нагласува значењето на стабилноста што ја нуди Европа.

„И покрај агресивната трговска политика на Трамп, Европската унија ја задржа својата сила и стана поатрактивна за другите земји, поради својата предвидливост и доверливост.“

Оваа „нова атрактивност“ се рефлектира, вели таа, преку зголемен интерес за соработка од земји како Канада, Индија, Малезија, Индонезија, Мексико и дел од Јужна Америка. Според неа, тоа е „позитивен ефект“ од кризата во западните односи.

Фон дер Лаен потсетува дека, иако трговијата со САД сочинува 13% од светската трговија, дури 87% се одвива со други партнери. Европа, нагласува, е препознаена како континент кој нуди „заеднички правила и предвидливост“ – вредности што, во услови на глобална нестабилност, стануваат сѐ поценети.

„Сите сакаат поголема трговија со Европа“, заклучува таа, „и тоа не е само економија – тоа е и прашање на доверба.“

Со овие ставови, Фон дер Лаен испраќа порака до светот, но, и до САД: Европа не е повеќе само придружник. Таа сака да биде режисер во новиот светски геополитички театар. Иако тоа не го кажува директно, јасно е – времето на американската доминација завршува, а Европа го пребарува своето ново, водечко место.

Z P

Zvezdanka Pesikj