АктуелноЛокално

ОЈО Прилеп: Се анализира финансиската документација на прилепската болница по претресите на осум локации

По вчерашните претреси на осум различни локации во Прилеп, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп соопшти дека е прибрана целокупната документација поврзана со финансиското работење на Општата болница со проширена надлежност во Прилеп, за периодот од 2020 година до денес. Документите сега се предмет на анализа, а случајот е во предистражна фаза во соработка со Финансиската полиција.

„Се вршат проверки и на тендерска, како и на целокупна книговодствена и сметководствена документација. Обезбедена е и електронска и материјална документација како докази“, изјави за медиумите јавниот обвинител Стевчо Биноски.

Од Обвинителството засега не откриваат колку лица се опфатени во предметот, но посочуваат дека се работи за повеќе осомничени. Целта на истрагата е утврдување евентуални злоупотреби на службената положба и овластувања поврзани со финансиското управување со болницата.

Долгови и моментална состојба во болницата

Од прилепската болница информираат дека моментално работат со деблокирана сметка, а долгот изнесува околу 100 милиони денари, што, како што велат од установата, е половина од долгот што бил затекнат пред повеќе од шест месеци.

Претресите и истражните дејствија доаѓаат во време кога се актуелизира прашањето за транспарентноста и одговорното управување во јавните здравствени институции низ државата.