АктуелноЛокално

Историска зграда во Велес преживеа војни, но не и хаосот во урбанизмот

Зградата на Работничкиот универзитет во Велес, симбол на градот и сведок на бурното 20-то столетие, беше урната на 17 јуни 2022 година, поради несоодветни градежни интервенции во нејзина близина. Објектот изграден околу 1920 година, кој преживеа германски и сојузнички бомбардирања во Втората светска војна, не издржа пред несовесноста и системскиот надзорен пропуст на современите институции.

По повеќе од една година истрага, Основното јавно обвинителство во Велес поднесе обвинителен акт против едно физичко лице и обвинителен предлог против правен субјект за рушењето на објектот. Обвинението се темели врз основа на извршени градежно, економско и електротехничко вештачење, искази од вклучени лица и документација за машините користени при ископот.

„Обвинението за физичкото лице е за Тешки дела против општата сигурност, а за правното лице – Предизвикување опасност при градежни работи“, информираа од ОЈО Велес, додавајќи дека обвинението е во фаза на оценка пред Основниот суд во Велес.

Според утврденото, ископот на градежната јама се вршел спротивно на прописите, без соодветно одобрение за отстранување на постоечки објект. Иако инвеститорот добил дозвола за градба во март 2022 година, дозволата за рушење никогаш не била издадена. Сепак, тој започнал со интервенции на своја рака, ангажирајќи градежна механизација без вклучен овластен надзор.

Од градежната фирма „Бени Амар инжинеринг“, која официјално била назначена како изведувач, изјавија дека не извршувале никакви градежни работи, освен поставување ограда. Надзорниот инженер Коста Јанев изјави дека договорот за надзор го потпишал дури на денот на несреќата.

Соседите, загрижени по сопствениот имот, сведочат дека неколку дена пред уривањето се црпела вода од темелите на нова куќа која се градела во близина, при што било задирано под нивото на реката Вардар. Стравуваат дека и нивните домови би можеле да се најдат во слична опасност, ако не се преземат мерки.

Со уривањето на зградата, неколку институции останаа без простор за работа, а Велес – без еден од најзначајните објекти на своето културно и историјско наследство. Таа служеше како штаб на германската војска за време на окупацијата, а остана недопрена и за време на сојузничките бомбардирања и при ослободувањето на градот во ноември 1944 година.

Овој случај не е само урбанистички скандал, туку пример за тоа како недостигот на институционална контрола, несовесноста и профитот ставен пред јавниот интерес можат да сотрат непроценливо наследство.

Z P

Zvezdanka Pesikj