Левица подготвена за Кисела Вода – Програма од терен, не од фотелја
Партиите веќе се подготвуваат за локалните избори што ќе се одржат наесен, а Кисела Вода е една од општините каде што битката ќе биде особено интересна. Левица најавува дека сериозно влегува во трката и дека е подготвена да ја преземе одговорноста за водење на општината.
Советникот на Левица во Кисела Вода, Донче Мишовски, вели дека партијата има веќе подготвена програма која произлегува од директни средби со граѓаните во последните неколку години. Според него, тоа е клучната разлика меѓу Левица и другите партии – нивниот ангажман не е само пред избори, туку континуиран.
„Работиме постојано на терен и тоа е нашата мисија – да слушаме и да реагираме. Програмата е резултат на разговори со граѓаните, а не на кабинетско планирање“, изјави Мишовски и најави дека Левица ќе има свој кандидат за градоначалник, но засега не го открива неговото име.
Како главни приоритети на Левица, Мишовски ги наведува борбата против урбаната мафија, враќање на зелените површини, решавање на проблемот со паркирањето и подобрување на хигиената во јавниот простор. Неколку дополнителни проекти, како што најави, ќе останат како „изненадување“.
Осврнувајќи се на актуелната власт, Мишовски оценува дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски не реализирал ни половина од својата изборна програма, и покрај тврдењата за речиси целосна исполнетост. Според него, разликата меѓу ветеното и оствареното е очигледна на терен.
„Граѓаните гледаат дека реалноста е далеку од сликата која се прикажува преку прес-конференции и социјални мрежи. Бетонизацијата, хаосот со паркирањето и урбанистичкиот притисок се секојдневие“, вели тој.
Мишовски не штеди критики ни кон СДСМ, за која вели дека е политички „пасокизирана“ и веќе не претставува сериозен противник во општината. Тој потсетува дека Левица на последните парламентарни избори освоила повеќе гласови од СДСМ во Кисела Вода, што ја позиционира како втора политичка сила во општината.
„СДСМ повеќе не е алтернатива. А и ВМРО-ДПМНЕ е партија со тежок политички багаж од неисполнети ветувања. За разлика од нив, ние сме нова сила без хипотека и со јасен фокус на реалните проблеми“, додава тој.
На прашањето за можни коалиции, Мишовски е категоричен – Левица нема да соработува со ниту една од постоечките партии кои, според него, го изгубиле кредибилитетот кај народот.
„Ние сме принципиелни – не коалицираме со никого. Особено не со партии кои со години се докажуваат дека не работат за интересите на граѓаните“, вели Мишовски.
Левица, како што стојат работите, влегува во предизборната трка во Кисела Вода со амбиција да стане главна политичка алтернатива – не само како гласен критичар во Советот, туку и како партија што се подготвува за реално преземање на управувањето со општината.