АктуелноЛокално

Мециновиќ: Време е Македонија да се разбуди од илузијата за „стратешки партнери“

Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во своето гостување на Канал 77 кај Столе Наумов испрати силна порака до македонската јавност и институциите, предупредувајќи дека новите царински политики на поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да послужат како последен аларм за земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија.

„Ова е последен аларм за земјите како Македонија да се разбудат од сонот дека некој ‘стратешки партнер’ ќе се грижи за нашите интереси наместо ние самите“, истакна Мециновиќ.

Според него, балканските земји веќе доживеале негативни последици од економските политики диктирани од посилните глобални центри, кои преку договори за пазарна либерализација со ЕУ, ЦЕФТА, СТО и политиките на ММФ и Светската банка, сериозно ја ослабнале локалната индустрија и ги поткопале работничките права.

Мециновиќ повика на „ре-индустријализација базирана на државни капацитети и демократско планирање“ со цел да се заштити државниот интерес.

„Нам ни е потребна стратегија што ќе го стави суверенитетот и интересот на народот пред туѓите геоекономски агенди“, додаде пратеникот на Левица.