АктуелноЛокално

Повторно забрана за дронови над Центар поради протестот на инцијативата „Кој е следен“

Вечерва повторно стапува на сила забрана за летање со дронови над централното градско подрачје на Скопје, поради најавениот протест организиран од иницијативата „Кој е следен“. Забраната ќе важи до утре, 11 април 2025 година, до 19:00 часот.

Надлежните апелираат до граѓаните протестот да го изразат мирно и достоинствено, а до операторите на дронови да се придржуваат до важечката забрана за лет во наведениот период и зона.

Протестот е најавен за 18:00 часот, со почетна точка пред Владата на Република Северна Македонија. Оттаму, демонстрантите ќе продолжат кон Судскиот совет, па до Собранието, а маршот ќе заврши пред Основниот кривичен суд – Скопје.

Од иницијативата „Кој е следен“ порачуваат дека нема да заборават, и покрај тоа што, како што велат, системот се обидува да го стори тоа.

„Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да нè исплашат, секоја неправда со која сакаат да нè замолчат“, стои во соопштението на организаторите.