Левица: Фамилиите на Заев, Филипче и Мицкоски со фирми во Бугарија
Опозициската партија Левица објави соопштение во кое обвинува дека роднини и блиски соработници на лидерите на најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, имаат регистрирано приватни фирми во соседна Бугарија, поточно во градот Петрич. Според Левица, ова е доказ за блиските деловни релации меѓу фамилиите Заеви, Филипче и Мицкоски, кои, како што велат, соработуваат преку „бугарскиот пазар“ и користат странски средства за финансирање на партиите.
Во соопштението се наведува дека Јорданчо Јанев, баџанак на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, е сопственик на фирма во Петрич преку која „се вртат милиони евра“. На истата адреса во Петрич, според Левица, е регистрирана и фирма во сопственост на Дончо Карастоев, кој е прв братучед на Јанев.
Дополнително, Левица тврди дека и поранешниот министер за здравство Венко Филипче има фирма за недвижности во Петрич, регистрирана на ул. „Гоце Делчев“ бр. 12. На истата адреса, според партијата, се водат и фирми поврзани со роднините на Зоран Заев – неговиот брат Вице, како и братучедите Трајче и Бобан Заев.
Партијата изнесе и обвинувања дека „бугарските газди“, блиски до семејството на Мицкоски, се јавуваат како донатори на ВМРО-ДПМНЕ, уплаќајќи илјадници евра на сметката на партијата, кои потоа се пренасочувале кон изборни сметки.
„Додека СДСМ и ДПМНЕ си делат тендери, функции, амнестии и фирми во Бугарија, институциите како Обвинителството, УЈП и Антикорупциската комисија молчат“, се вели во соопштението на Левица, во кое се додава и дека „народните пари завршуваат во џебовите на домашните предавници со странски интереси“.
Од засегнатите страни засега нема официјална реакција на обвинувањата.