Охрид во канџите на урбаната мафија: Левица бара ревизија на работата на сите градоначалници и на сите дупови – Пецаков под лупа на јавноста
Охрид, некогаш горд културен бисер на Балканот и заштитено светско наследство, денес сè повеќе наликува на мета на урбанистичка пљачка и корупциски скандали. Според соопштението на Локалниот огранок на Левица – Охрид, токму градоначалникот Кирил Пецаков, кој неодамна најави трка за втор мандат, е еден од клучните играчи во она што јавноста го нарекува „урбана мафија“.
„Го повикуваме премиерот Христијан Мицкоски ресетирањето на системот да го започне токму од Охрид, преку ревизија на работењето на сите градоначалници од осамостојувањето до денес“, стои во соопштението на Левица. Тие бараат детална ревизија на сите детални урбанистички планови (ДУП-ови), со посебен фокус на последните дваесет години – период во кој, како што тврдат, се изродила урбаната мафија која го гуши и уништува градот.
На мета на критиката е и конкретен случај на дива или „полудива“ градба на улицата „Сирма Војвода“, токму наспроти охридската болница – објект подигнат буквално на половина тротоар, без табла за изведувач, без информации за дозвола за градба, и без никаква реакција од надлежните инспекциски служби. Пецаков, според Левица, ја симболизира продолжената рака на системскиот урбанистички криминал, потпомогнат од „корумпирани инспектори и вработени во одделението за урбанизам“.
„Вашата партија најави војна со корупцијата, па почнете ја од Општина Охрид – знаете и сам дека таму цвета корупцијата“, порачуваат од Левица директно до Мицкоски, ставајќи го во непријатна ситуација неговиот сопартијец и актуелен градоначалник Кирил Пецаков.
Додека Пецаков се подготвува за нов изборен циклус, охриѓани добиваат сè повеќе примери на урбано дивеење, каде јавниот простор станува приватен имот, а граѓаните – заложници на еден систем во кој законите важат само за „обичните“.
Општината, како и самиот Пецаков, сè уште немаат официјален одговор на обвинувањата. Но, еден факт останува непобитен – Охрид сè повеќе личи на град кој, наместо да се спасува, полека тоне во урбан хаос, бетонизација и корупција.
Соопштението на Локалниот огранок на Левица од Охрид ви го пренесуваме во целост: