АктуелноИнтернационално

Македонците од Мала Преспа блокирани на граница – загрозена нивната егзистенција

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која ги претставува интересите на Македонците во Албанија, изрази загриженост поради одлуката на македонските власти да го ограничат влезот на Македонци од Мала Преспа со албански лични документи преку граничниот премин Стење – Горица, кај Ресен. Оваа мерка, според МАЕИ, негативно влијае врз егзистенцијата на овие луѓе, кои секојдневно патуваат во Македонија за сезонска работа во Ресен и Преспа, а навечер се враќаат во своите домови во Мала Преспа.​

Дополнително, МАЕИ информира дека македонските власти ја известиле и албанската страна да не дозволува преминување на овие Македонци кон Македонија, што претставува преседан и дополнително го комплицира нивниот секојдневен живот. Партијата апелира до македонските власти итно да изнајдат решение за оваа ситуација и да овозможат непречено движење на овие граѓани, бидејќи сезонската работа во пограничниот регион е нивен единствен приход за егзистенција на нивните семејства.​

МАЕИ, како единствена партија на Македонците во Албанија, е позната по своите напори за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија. Во таа насока, партијата усвои Резолуција за унапредување на положбата на Македонците во Република Албанија, која беше испратена до албанските институции и меѓународни организации.

Во врска со актуелниот проблем на граничниот премин Стење – Горица, МАЕИ истакнува дека ваква ситуација досега не постоела и дека ова е првпат да се создаде ваков проблем, со што сериозно се загрозува егзистенцијата на овие луѓе. Партијата нагласува дека е неопходно итно да се изнајде решение кое ќе овозможи непречено движење на овие граѓани и ќе спречи понатамошни економски и социјални последици по нивните семејства.

Z P

Zvezdanka Pesikj