АктуелноЛокално

Андоновски: Со срамната црна кампања кон студентите провладините медиуми уште толку го зголемија народниот револт

Познатиот фотограф Дарко Андоновски смета дека срамната црна кампања на провладините новинарски апологети всушност ја дозапали масата и направи вчеарашниот марш на иницијативата „Кој е следен“ да биде уште помасовно посетен првенствено од младите луѓе, еве што тој напиша на Фејсбук. Неговиот статус ви го пренесуваме целосно:

Имам впечаток дека масовноста на вчерашниот протест во најголема мера е производ на онаа срамна кампања на провладините медиуми и портали, кои со заокружување и етикетирање на поединци сакаа целосно да ја дискредитираат потребата на огромен број граѓани да го искажат својот револт кон состојбите во Македонија, поради кои впрочем се случи и огромната трагедија во Кочани.

Толку ниска, агресивна и добро платена кампања резултираше со, воглавно, три ефекти:

  • И оние што не знаеа дека се организираат протести дознаа за тоа, зашто не можеше да се отвори интернет, без прво нешто што ќе се појави да биде некој вмровски портал или клиент.
  • При такви гнасни квалификации и наративи, кои беа навреда за елементарна човечка интелигенција, и оние кои немаа намера да излезат на протести добија желба да протестираат.
  • Го откри, по не знам кој пат, клиентелизмот на симпатизерите на владеачката партија, за кои, би рекол, да ја сакаа Македонија колку што си ја сакаат партијата (и привилегиите), денес ниту ќе разговаравме за Северна, ниту за Бугари во устав (одложено или со гаранции) ниту за ред други работи кои во нормални земји не се ни спомнуваат, а камоли за нив да се дискутира. А богами и амбиентот за живот ќе беше барем малку поквалитетен.

Што се однесува до провладините медиуми и портали, човек ќе рече има таму новинари со повеќе од 30 години искуство, па по некоја логика би требало да знаат како се моделира јавниот дискурс… Наместо тоа, ја направија, и сѐ уште ја прават истата грешка како и за време на шарената револуција, предизвикувајќи уште поголем револт кај огромен број граѓани кои размислуваат со своја глава.