Нови детали за трагедијата во Кочани: Клубот “Пулс” бил затворен од УЈП уште во декември
На 16 март, во трагедија без преседан, така наречената дискотека „Пулс“ на Бел Рид во Кочани однесе 59 млади животи и остави зад себе бројни семејства во неизмерна болка. Македонија тагува, граѓаните сочувствуваат со настраданите, додека властите најавуваат целосна истрага и санкции за сите инволвирани.
Но, некои прашања добиваат дополнителна тежина откако синоќешната емисија „Код“ на Телма телевизија објави шокантни нови детали.
Според истражувањето на „Код“, фирмата „МММ Кафе ДООЕЛ Кочани“, која управувала со дискотеката, имала блокирана сметка уште од 7 ми месец 2024 година.
Според информациите на КОД инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП), последен пат на 21 декември 2024 година извршиле контрола во објектот и утврдиле дека не се издаваат фискални сметки.
Поради тоа, сопственикот бил санкциониран, а дискотеката затворена и запечатена, наведуваат новинарите од КОД.
Оттука, останува непознаница како овој локал повторно започнал со работа.