АктуелноЛокалноСтав

Ѓуровски: Почек – една од причините за галопирачката инфлација

Став на Игор Ѓуровски заменик координатор на ПС Политичка економија во Левица

Ако денес појдете во било кој супермаркет во сопственост на големите трговски ланци имајте пред вид дека ништо од она што таму ви е понудено на рафтовите, не е платено од страна на трговецот! Се е земено со почек од 90 до 120 дена! Тоа е еден од неколкуте (сурови) услови за продуктите на произведувачот да бидат прифатени од страна на големите трговски ланци. Произведувачите не само што треба да се грижат за својот бизнис, туку треба да се грижат и за бизнисот на супермаркетот.

Произведувачите треба за својот бизнис да обезбедат машини, алати, работна рака, енергенси, да набават суровини и репроматеријали, треба да го произведат продуктот, да извршат контрола на квалитетот, контрола на хигиена, да задржат стандард на производство, итн, итн. Потоа треба да го достават до супермаркетот, не ретко и да го наредат на рафтовите, да вршат попис, регуларна достава и дополнување, да платат место на рафтот, да платат место во рекламниот матерјал на супермаркетот и на крај по 90, 120, а неретко и 150 дена да ја добијат првата рата за нивниот труд. Сето тоа треба да го издржат и да го прават со месеци.

Тие не се само работници во својата компанија туку присилно се и работници во супермаркетот и банка позајмувач на трговскиот ланец во кој што се продаваат нивните продукти.

Додека сето ова им се случува на домашните производители, се што се увезува од странство е платено во целост уште пред продуктите да ги напуштат магацините на странските производители.

На овај начин со години и децении големите трговски ланци го поттикнуваат странското и го уништуваат домашното производство! За странските производители и компании добавувачи се мајка, а за домашните се маќеа.

Затоа не треба да бидете изненадени зошто домашното производството опаѓа, но маркети и трговски центри полни со странски продукти никнуваат како печурки после дожд.

Ако ваквата состојба продолжи, ќе имаме уште помалку домашни произведувачи, уште помалку работни места во земјоделскиот и сточарскиот сектор, уште помалку работни места во примарната индустрија која обезбедува преработка на домашните земјоделски и сточарски продукти, уште поголема инфлација и зависност увоз, уште посиромашни граѓани и уште посиромашна држава.