Албанска компанија ќе стопанисува со паркингот на Клинички центар
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември се јавила само “Ѓока констракшн”. Компанијата е формирана во Тирана во 1994 година, од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Компанијата Ѓока констракшн од Албанија преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар Мајка Тереза. Ова за БИРН го потврди министерот за здравство, Арбен Таравари.
Таа ќе стопанисува со паркингот во следните 20 години, во огласот се превидува приватниот партнер да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички центар, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Според проценката на Министерството за здравство инвестицијата би го чинела концесионерот нешто над десет милиони евра. Моментално, на Клиничкиот центар има 800 паркинг места, а со двете катни гаражи би се добиле уште 800 до 900.
“Ѓока констракшн” во Албанија со години добива големи тендери. Покрај со градежништвото, семејството Ѓока има компании поврзани со енергетскиот бизнис.
Минатата година министерот Таравари ја соопшти идејата, проблемот со паркингот да се решава преку јавно-приватно партнерство, а владата на 20 август на седница одлучи и да формира комисија која ќе ги разгледува понудите. Основата за давањето на паркингот на Клинички под концесија е физибилити студија која првпат е изработена за време на министерувањето на Никола Тодоров, a потоа била неколкупати менувана.