АктуелноЛокално

„Еве ти ја слободата и човечките правдини“ – 82 години од смртта на Раде Јовчески – Корчагин, убиен од бугарскиот фашистички окупатор

На денешен ден, 20 февруари 1943 година, на само 23-годишна возраст загинал Раде Јовчески – Корчагин, антифашист, народен херој на Југославија од Македонија и учесник во НОВ.

Раде Јовчевски е роден на 14 август 1919 година во Скопје во скромно занаетчиско семејство. Неговиот татко Коста бил познат скопски чевлар. Основното образование го започнал во месното скопско училиште и бил солиден ученик. Иако Раде сакал да го продолжи своето образование, сепак поради сиромаштијата тоа не му било овозможено и морал да почен да изучува занает.

Така, во 1933 година почнал да го посетува училиштето за трговска младина како кожарски работник. Корчагин работел и изучувал занает цели три години, но откако завршил со обуката тој не нашол работа во Скопје. Поради тоа, Раде Корчагин заминал за Белград. Таму нашол работа по занает и се зачленил во кожарскиот и крзнениот синдикат. Тогаш се стекнал и со прекарот „Корчагин“, по јунакот во романот „Како се калеше челикот“ од Николај Островски Бидејќи се покажал како вреден и одлучен човек, Корчагин бил назначен за секретар на синдикатот во 1938 година, а веќе во 1939 година станал и член на Комунистичката партија на Југославија.

Во Белград, од страна на полициските служби, Раде Јовчевски бил регистриран како Раде Јовчевиќ, кожарски работник од Скопје. Поради неговите идеали и делувања, Раде Јовчевски не бил пожелен од страна на властите и истите наредиле да се врати во Скопје.

Челниците и раководителите на КПЈ имале голема доверба во Раде Јовчевски. Така, во 1940 година тој станал професионален полтички работник. Интересот на властите за Раде уште повеќе се зголемил и бил квалификуван како „опасен комунист“, „човек против кралот“ и со жар се барало истиот да биде затворен. Кога бил приведен од началникот на полицијата, Раде Јовчевски бил подолго време мачен сè со цел да се извади од него некоја информација. Сепак, Раде бил одлучен и верен на својата партија и не предал никакви информации. Сепак, тој бил притворен уште најмалку двапати после тоа мачење

Низ Белград и Скопје делел пропагандни материјали за партијата, организирал и помогнал при организирање на партиски настани, а неколкупати имал средби и со Јосип Броз – Тито.

По налог на партијата, тој бил испратен во Скопка Црна Гора за да помогне при формирањето на еден партизански одред. Многу набрзо по формирањето на одредот истиот бил откриен од властите и неговата работа намалена. Поради безбедносни причини заминал за Софија со останатите блиски соработници, и од таму делувале врз настаните во Скопје. Паралелно бил и осудуван во отсуство со казна смрт. Во Скопска Црна Гора се враќа под името „Јанко“ и така учествува во формирањето на нов партизански одред, каде бил заменик-политички комесар. За тие цели, меѓу другото, лично со останатите содејци пренесувале оружје преку Радуша до Скопска Црна Гора. Полицијата разбрала за некојси „Јанко“ кој организирал такво формирање на одред и објавила потерница и награда за неговата глава. Раде Јовчевски бил предаден од страна на некојси селанец во Побожје, од кој требало да земе пушки. Тој се спасил така што фрлил бомба кон едната група полицајци. Наградата за главата на Корчагин била 150.000 лева.

Вечерта на 20 февруари 1943 година, Раде заедно со останатите активисти сакале да се префрлат во куќата на Јорда Нешевска. Без нивно знаење, тие биле предадени и куќата била опколена од бугарската полиција. Полицијата почнала да ги гони активистите. Во тие бркотници Раде бил ранет од страна на бугарската полиција. Така ранет немилосрдно бил убиен од бугарската полиција со неколку куршуми и со извикот „Еве ти ја слободата и човечките правдини.“