Левица: ДПМНЕ и ЗНАМ се откажаа од химната во училиштата
Интонирање на македонската химна во училиштата нема да се случи. По притисоците на ВРЕДИ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ го повлече членот 54 во предлог-Законот за средно образование, каде се предвидуваше интонирање на химната на почетокот и крајот од наставната година, како и за време на приредбите по повод патронатите на училиштата. Ова го потврди министерката за образование – Весна Јаневска, во срамно образложение дека не сакала да се шират етнички тензии.
Нагласуваме дека доколку постои волја кај ДПМНЕ и Мицкоски овој закон да биде донесен, тие заедно со коалицискиот партнер ЗНАМ, имаат доволно пратеници за истиот да биде изгласан. Наместо ова, и покрај најавена платфорна за национални црвени линии, Владата и собраниското мнозинство попуштија пред сите етнички мотивирани барања на претставниците од т.н. албански партии. Уште еднаш се потврди дека партијата на Мицкоски националните чувства единствено ги користи за дневно-политички поени.
Само во сферата на образованието, за половина година власт на ДПМНЕ и ЗНАМ, сведочиме на бројни отстапувања во државната политика, пред националистичките барања на ВРЕДИ. Потсетуваме, претходно и покрај суспензивното вето на претседателката Сиљановска, ДПМНЕ и ЗНАМ си изгласаа воведување на двојазични лиценци. На ова претходеше доделување 35 милиони евра за Универзитетот ,,Мајка Тереза”, најавата за настава на албански јазик во Општина Чашка (каде не се исполнети законските услови за двојазични паралелки) како и овозможување формирање паралелна албанска академија.
Левица ги повикува Владата и министерката за образование да не ретерираат пред велико-албанските политики на коалициската ВРЕДИ. Законот за образование не се донесува со бадентерово мнозинство, ова значи дека не зависно од уцените на коалицискиот партнер, парламентарното мнозинство може да го усвои овој закон.