ДСП Ленка: 85 години „Бели мугри“ – Вечна инспирација за македонските поети
- Соопштение на ДСП Ленка, по организирањето на поетска вечер во чест на 85 годишницата од издавањето на „Бели мугри“
По повод 85 години од издавањето на стихозбирката „Бели мугри“ од македонскиот револуционер и поет Коста Солев Рацин, ДСП ЛЕНКА организираше поетска вечер во Занаетчиски дом Куманово.
На настанот партиципираа млади поети од повеќе градови во Македонија и истиот беше поделен на два дела. Во првиот дел беа рецитирани стиховите на Рацин од стихозбирката „Бели мугри“, додека во вториот дел беа презентирани авторските стихови на младите поети.
ДСП Ленка најавува дека за цел има овој настан да прерасне во традиција. Нашата намера е во иднина поезијата на нашите млади поети, биде преточена во стихозбирка посветена на Рацин.
Стихозбирката „Бели Мугри“ е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура и до денес останува мотив и инспирација за творештво на нашите млади поети.