АктуелноЛокално

Мециновиќ: Буџетот за 2025 е рај за олигархијата, а пекол за обичните граѓани

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, со денешното излагање на Комисијата за финансирање и буџет, а во однос на Предлог-Буџетот за 2025 година, меѓудругото, истакна дека. Партиите кои се во џебот на олигархијата и кои функционираат само за нивниот интерес, без никаква визија, не можат да одговорат на проблемите на граѓаните, ниту пак да ја развијат македонската економија.

Според него, буџетот за следната година е политички скроен и насочен да влијае на изборниот процес за локалните избори, така што најголемиот дел од републичкиот Буџет ќе се влее во Буџетите на општините предводени од градоначалниците на ДПМНЕ и коалицијата и за окрупнување на администрацијата.

Буџетот е ‘уличарски’, со стремеж да ја прикрие неспособноста на градоначалниците од ДПМНЕ изминативе три години. Во недостаток на визија и долгорочна економска политика, приоритетите на нашата Влада се да одговорат на изборната година, да освојат повеќе општини за и понатаму да може да продолжи агонијата на граѓаните и испумпувањето пари.

Предвидено е Владата на ДПМНЕ да ги оданочува обичните луѓе, а не крупниот капитал. Најавено е намалување на корпоративниот данок за од 10% на 5%, додека во ЕУ е определен минимален корпоративен данок од 15%.
Мнозинството ќе го зголеми даночниот приход, но од обичните луѓе кои само придонесуваат за економијата и кои се бескрајно експлоатирани од крупниот капитал којшто ги пишува овие буџети. Овој Буџет може да е директно излезен од Стопанската комора бидејќи одговара само на тој аспект од општеството и на личните интереси на владините политичари.

Проблематичен е и јавниот долг кој создава меѓугенерациска обврска која нема за цел да создаде подобри услови за идните генерации, особено имајќи предвид дека во Македонија владее какистократија и клептократија, па така, сето ова ќе биде испокрадено и непродуктивно искористено. И секоја година, нашата држава станува сѐ позависна од задолжување.

На амандманските расправи коишто ќе следат, Левица ќе се фокусира на социјалните аспекти, бидејќи овој Буџет нема за цел да одговори на социјалните потреби на граѓаните. Одговорноста за тоа ќе ја сносат пратениците коишто ентузијастично убедуваат дека овој погубен Буџет, кој има за цел да ги наполни џебовите на владините функционери и нивните пријатели, треба да се поддржи.