Левица: Универзална жртва на надмудрувањата помеѓу Арсовска и ДПМНЕ

Контроверзиите околу Универзална сала и по одлуката таа да биде првземена од Министерството за култура додека да се направи не престануваат. Според Министерот за култура, Зоран Љутков, преземањето на Универзална сала од Град Скопје е незаконски спроведено. Наводно, целата документација за случајот во кој Министерството за култура со претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска ја презеде Универзална сала заради завршување на изградбата, говори дека Универзална сала е преземена од Град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка која е проблематична, со прекршувања на повеќе закони, а правата и обврските не му биле пренесени на Министерството во целост и согласно закон.

Иако преземањето на Универзална сала од Градот Скопје беше изгласана во Советот на Град Скопје уште во септември 2023, кога министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, до сега не видовме развој на настаните и придвижување на работите околу доградбата. Тоа значи дека скопјани дополнитено ќе чекат разврска и на овој дел од сапунската серија, додека Скопје ита кон реализирање на титулата Европски град на културата 2028.

На седницата на Град Скопје советниците на ВМРО лобираа да се изгласа предавањето на Универзална од страна на Градот кон Министетрството, со намера новите структури на централната власт (потенцијално од ВМРО) да ја довршат како нивен проект. Меѓутоа по се’ изгледа дека работите не се така едноставни како што изгледаат, кога е градоначалничката Арсовска во прашање. Па како што целиот град е во хаос, така и предавањето на Универзалната сала не остана без проблеми.

Додека политичките елити се препукуваат со Градот околу симболот на Скопје и една од ретките сериозни концертни и мултуфункционални сали во градот, организаторите на културни настани и концерти ќе импровизираат по спортски сали или ќе ја користат салата на филхамонијата за несоодветни настани, а скопјани и понатаму ќе ги трпат последиците.

Битно е да се напомене дека и остранатите Јавни културни установи под градот се во слободен пад, со мизерни буџети и без вработени, па одбраната на титулата Европски град на културата 2028 останува да виси или потенцијално да се изгуби, се вели во соопштението на партијата.