Став

Дали обезбедувањето на храна во светот е под закана?

Колумна на Проф. д-р Благица Сековска професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Катедра за рурална економија и менаџмент.

Во овој врли нов свет, изгледа како да забораваме дека земјоделството всушност значи храна. Почнавме да ја перцепираме храната како нешто што ни е загарантирано, нешто што ни е на допир на раката, во најблискиот супермаркет, секогаш кога тоа ќе го посакаме, па за што воопшто би се грижеле?

Но што е тоа храна?? Наједноставниот одговор би гласел дека храната е гориво за човечкото тело. Се разбира дека храната има свое нутритивни, социолошки, економски, па ако сакате и теолошки фактори. Храната може да биде и отров и лек, но исто така храната може да биде и оружје……. Оружје за закана, оружје за контрола, оружје за остварување на различни цели. Дали знаеме дека обезбеденоста со храна е многу значаен дел на националната безбедност??

Само земји кои што можат да обезбедат поголем дел од храната, водата и енергијата неопходни за потребите на граѓаните на таа држава може да се нарече вистински суверена држава. Затоа храната, односно обезбеденоста или сигурноста со храна представува значаен дел од општата национална сигурност и безбедност. А цели на националната безбедност се да ги заштити своите граѓани, економски и институционално, од различни надворешни закани.

За жал, нашето ново нормално не потсети дека производството со храна и обезбеденоста со храна се едни од основните фактори, неопходни за опстанок на човештвото.

Но што е сигурност со храна (food security)?? Сигурноста или обезбеденоста со храна е критична компонента на националната сигурност и таа има директно влијание врз националната стабилност, здравјето на нацијата и вкупната отпорност на државата. Под поимот сигурност или обезбеденост со храна подразбираме способност на државите да обезбедат соодветна дистрибуција на храна со која ќе ја прехранат нацијата. Додека суверенитет на храната представува способност на државата сама да произведе најголем дел од храната за задоволување на потребите на своите граѓани. Храната е основно човеково право. Членот 25 од Универзалната декларација за човекови права вели дека правото на соодветна храна и основно фундаментално право на секој човек да биде слободен од гладување.

Ние, луѓето од западот, мислиме дека сме ги решиле сите проблеми со храната, со тоа што суверенитетот за производство на храна им го предадовме на корпорациите кои не хранат со силно преработена, хемиски третирана, генетски модифицирана храна……. Како и да е во западниот свет не постои глад…сеуште!!?? …..Не само што не постои глад, ама има епидемија на обезност во едната половина на светот, додека другта половина на светот гладува или е неухранета.

Фактори за необезбеденоста или несигурноста со храна има многу, и за жал тие се во енормен пораст. Часовникот брзо отчукува и не тера многу посериозно да се замислиме над овој проблем.

Факторите кои се закануваат да ја нарушат нашата удобност на среќни и ухранети може да се поделат во неколку категории.Пред се тука се природните фактори како што се климатските промени кои го загрозуваат производството на храна преку различни пиродни непогоди како што се екстремни суши, поплави, шумски пожари, урагани, бури и сл. Голем дел од нив се резултат на економските активности на човекот. Друга група се демографските фактори. Човештвото во моментов брои околу 7,5 милијарди, а се очекува до 2050 година на планетава да живеат околу 10 милијарди. Тоа се многу усти кои треба да се нахраната, а при тоа и начинот на исхрана е променет во насока на зголемен внес на калории од животинско потекло.

Факторите на кои особено сакам да се осврнам се економските и геополитичките фактори кои влијаат на обезбеденоста со храна и се разбира процесот на глобализација.

Глобализацијата има особено влијание врз земјоделскиот сектор и сигурноста со храна преку слободната трговија со храна, слободниот влез на пазарите, слободниот пристап до откуп на земјоделско земјиште, а тука се и цените на храната. Ако на ова ги додадеме корпоризацијата на земјоделството и генетски модифицираните организми, па и форсирањето на новите типови на храна, сето ова ќе не доведе до еколошки неправди.

Преку слободната трговија, на пазарите на помалку развиените земји, влегоа ефтини прехрамбени производи кои им конкурираа на малите домашни фармери. Со тек на време земјоделците се откажуваа од фармерството, се зголемуваа миграциите село град, а земјите почнуваа да го губат својот суверенитет во однос на сопственото производство на храна и стануваа зависни од увозна храна. Генетски модифицираните семиња започнаа агресивно да ги освојуваат полињата. Многу од тие семиња претставуваат патенти и се индустриска или корпоративна сопственост, многу од тие ГМО производи се и без семе во втората или третата генерација. Наездата на ГМО семе доведе до формирање на Манифест на семето, како своевиден начин на заштита, кој вели дека “Семињата се дар на природата, на минатите генерации и на диверзитетот на различните култури. Затоа, наша неодвојива должност и одговорност е семињата да ги заштитиме и да ги предадеме на идните генерации. Семињата се првата алка во прехрамбениот синџир, олицетворение на биолошкиот и културниот диверзитет и чувари на идната еволуција на животот.“ Со векови наназад, размената на семиња меѓу фармерите претставувала основа на зачувувањето на биодиверзитетот и воедно и обезбеденоста со храна. Размената меѓу фармерите одела и повеќе од проста размена на семе, тоа било исто така и размена на идеи и знаења што носеле постепен развој и напредок. За жал индустриското корпоративно земјоделство, диверзитетот го замени со хомогенизација и семето го трансформира од нешто што е заеднички споделувано меѓу фармерите во стока која е монополизирана од корпорациите.

Храната, чекор по чекор е освојувана од корпорациите, а сето тоа се одразува и врз цените. Долг период, од опоравувањето после втората светска војна, некаде околу седумдесеттите, па се до 2006 година цените на храната на глобално ниво беа стабилни. Одеднаш во 2008 година се случува голем пораст на светските цени на храната и глобалниот индекс на цените на храната од 72.6 во 2006, скокнува на 117.5 во 2008. Овој голем скок на цените на храната се поклопува со големата економска криза во светот. Скокот е предизвикан од различни фактори како пораст на цените на горивата, зголемена побарувачка за биогорива (значителен дел од културите беше пренасочен од синџирите за храна кон производство на енергија), лоши временски услови на суши и/или поплави кои имаа импакт врз производството, особено во региони каде се произведува значителна количина на житни култури, зголемување на глобалната побарувачка на храна поради забрзаниот економски развој, пред се на Кина и Индија, шпекулативни инвестиции во прехранбени субјекти, намалување на светските резерви на храна и сл.

Од 2008 година па се до денес глобалниот индекс на цените на храната е во постојан пораст за да вториот голем ценовен скок го достигне во 2021 и 2022 (125,8 и 144,7), како резултат на КОВИД-19 пандемијата и почетокот на военито конфликт во Украина. ФАО наведе во својот извштај дека во Март 2022, глобалниот индекс на храна го достигна своето највисоко ниво од својот почеток во 1990.

Кризата со храна во 2007-2008 година ја истакна ранливоста на глобалниот систем за производство на храна на ценовни шокови и ја подигна свеста за поодржливи и потпорни земјоделски практики и политики…НО

Исто така го разбуди интересот на големите корпорации за земјопоседништво и го засили трендот на грабање земја од страна на големите корпорации и тоа не само за земјоделство,ами и за екстракција на рудни богатства, експлоатација на шуми, а во поново време и поставување на т.н. постројки за производство на обновлива енергија (ветерници и фотоволтаици). Тој тренд е во пораст од 2007 наваму. Според Land Matrix милиони хектари низ целиот свет се контролирани од големите мултинационални компании, при што 10 најголеми земјопоседници контролираат повеќе од 30 милиони хектари во различни земји. Според Светската банка над 60 милиони хектари во светот се под контрола на корпорациите. Значаен дел од таа земја не се користи за производство на храна, ами за биогориво, шуми и рударење. Во моментов, структурата на контролата врз земјиштето на светско ниво се движи во сооднос од 80% спрема 20% во интерес на корпорациите наспроти малите фармери во Латинска Америка, па се до 40% корпоративно земјиште наспроти 60% во посед на малите фармери во Европа.

Додека насекаде се зборува за обезбедување на храна, ЕУ го донесе својот Зелен Договор, кој се потпира на неколку столбови и тоа 1. Чиста, достапна и сигурна енергија, 2.Чиста индустрија и цируларна економија, 3.Заштита на биодиверзитетот и животната средина, 4.Земјоделско производство од нива до трпеза, со крајна цел 0 емисии на јаглен диоксид до 2050. И се тоа звучи одлично, но зошто тогаш европските фармери, широм ЕУ се дигнаа на бунт??

Централниот столб на Зелениот договор има за цел да врати најмалку 20% од земјиштето (шуми, реки, мочуришта) назад во природата до 2030 година, да реализира 25% од целото обработливо земјиште на ЕУ под органско производство, да ја намали употребата на пестициди за 50% и на вештачки ѓубрива за 20% до 2030 година. Земјоделците ширум ЕУ протестираат против овие политики, тврдејќи дека тие ќе резултираат со помала продуктивност, загуба на голем дел од приходите, а за некои дури и банкрот. Холандската влада дури предложи и 25 милијарди евра за да се откупи земјата од земјоделците кои нема да се во можност да ги задоволат барањата, но тоа уште повеќе ги изреволтира земјоделците, бидеќи не сакаат да бидат принудени да ја продадат земјата. Земјоделците тврдат дека големите агробизниси се подобро опремени и имаат повеќе капитал, па големите ќе ги истиснат малите од пазарот. Радикалните протести на земјоделците во ЕУ длабоко се поврзани со судирот помеѓу еколошките цели и економската реалност со која се судираат малите земјоделци. Тие сметаат дека владините политики несразмерно им наштетуваат на малите земјоделци, а ги фаворизираат поголемите бизниси.Сето тоа создава чувство на економска неправда и одсуство на поддршка. Од сето ова се наметнуваат неколку прашања: Што ќе се случи кога малите земјоделци ќе бидат принудени да го напуштат производството, а нивното место ќе го заземат корпорациите? Кој ќе ја диктира цената на храната од позиција на монопол или олигопол? Овој столб на Зелениот договор ќе придонесе кон пониска продуктивност и повисоки цени на храната. Како ова ќе влијае на идната сигурност и обезбеденост со храна??

На сите овие промени во доменот на сигурност со храна, многу сериозно место зазема и моменталната геополитичка состојба во светот. Со оглед на фактот што Украина произведува 10% од светското производство на пченица, 16% на пченка и 12% од сончогледово масло, конфликтот во Украина, тоа производство го преполови, имаше силен импакт врз цените на храна, како и на пораст на бројот на луѓе кои гладуваат.

Генерално гледано, конфликтите во Украина и на Блискиот Исток доведоа до уништување на значаен процент од земјоделската инфраструктура и значително намалување на локалното производство, отежната дистрибуција на храната поради прекин на вообичаените дистрибутивни канали и зголемени транспортни трошоци, зголемена економска нестабилност во околните земји, а и пошироко, бегалска и хуманитарна криза, голема флуктуација на цени, нестабилност и несигурност на пазарите за храна и сл.

Глобалната ситуација во однос на сигурноста со храна во денес, а и во иднина изгледа многу несигурно и нестабилно, со големи предизвици особено за сиромашните земји и семејства. На глобално ниво постои висока несигурност за храна со 11,6% од светската популација која буквално гладува, а уште околу 956 милиони луѓе во светот страдаат од различни форми на неухранетост. Несигурноста за храна во светло на сите споменати фактори се очекува во текот на идните години да порасне. Сите овие пазарни неуспеси, системска нееднаквост, еколошка неправедност и економски очај ја нагласува кршливоста на земјоделскиот систем во многу делови на светот, каде што малите земјоделци се оставени на милост и немилост на нестабилните пазари, експлоататорските практики и несоодветната инфраструктура.

Само вистински реформи можат да овозможат поправеден пристап на пазарите, практики на фер трговија и подобрување на земјоделската структура кои ќе им овозмоат на малите фармери да опстанат во своите мали стопанства, без да се зголеми уште повеќе сигурноста и обезбеденоста со храна. За жал, иднината во овој поглед, и со влијание на сите споменати фактори не е розова и секоја земја треба сериозно да размислува за градење на соодветни политики за обезбедување со храна.