Апасиев: Гаши го надмина Џафери со скандали во 100 дена влада
Во 100 дена Влада, Гаши го надмина Џафери во скандали – истакна во своето обраќање на денешната собраниска седница претседателот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев.
- Вие го надминавте Талат Џафери, којшто беше мајстор за скандали. Практично, во 100 дена, направивте рафал од скандали и станавте, можеби, веле – мајстор за скандали – потенцираше Апасиев, говорејќи за стодневното дејствување на Гаши.
Апасиев образложи дека Левица ја темели интерпелацијата на седум основи, кои се дополнуваат и со нови скандали.
- Покрај седумте точки, вие сторивте уште три – четири скандала, но за свадбата на Косово и за пеењето ,,Шота” на 2 Август ќе оставиме да зборува, можеби, недокваканиот Мицкоски, којшто ја оцени оваа уставна интерпелација како глупава – појасни Апасиев.
Во својот говор, Апасиев потенцираше и дека во овие 100 дена се прекршени и Уставот и законите.
- Вие покрај Уставот, прекршивте дури четири закони: Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за Собранието, Законот за пратениците и Изборниот законик – заокружи Апасиев.
За потсетување, како што досега јавноста е повеќепати информирана од страна на Левица, интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, е заснована на следниве седум точки:
- Повреда на секуларноста на државата; 2. Скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје;
- Повреда на употребата на македонскиот јазик;
- Повреда на правилата за употреба на државните инсигнии;
- Неконстатирање на престанок на мандатот на Таљат Џафери;
- Патувањето во Вашингтон со неговата сопруга и
- Повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците и Собранието и продолжување на лошите практики.