АктуелноЛокално

Симонов: Позитивната дискриминација создаде професионална дискриминација

  • Најавеното укинување на „Балансерот“ од новата влада на ДПМНЕ и ЗНАМ не се случи. Напротив, на предлог на ДУИ вчера беше изгласано воведување на собраниска Комисија која ќе го спреведува истиот. Членот на Президиумот на Левица – Александар Симонов смета дека позитивната дискриминација довела до професионална дискриминација, заради која државата губи огромен дел од стручните кадри. Тој смета дека вработувањата по етнички и партиски клуч се директни виновници за нефункционалниот систем. Во прилог ви го пренесуваме неговиот став споделен на социјалните мрежи:

„Вработувањето по етнички клуч е една од рак раните на ова општество! Заради фаворизирање на етникумот на кој припаѓа кандидатот за вработување во јавната сфера, се врши професионална дискриминација на стручните кадри и најдобрите студенти, за која што никој не зборува во ова општество.

Овој тип на дискриминација (професионална) која е последица на т.н. позитивна дискриминација, е еден од главните мотиви за иселување на младиот човек којшто вложил во образование, професионализација и дочекал сто пати да биде одбиен на конкурс за вработување! А, после кај отидоа младите? – Зошто полуписмени луѓе ни ја водат државата?

На ова, уште ако се додаде и партиската припадност, како неизбежна станица (основен услов), при одредена (огромна) група конкурси и фактот дека образованите млади луѓе (професионалци) не сакаат да застанат на неа (затоа што е потценување и газење на целиот нивен труд, образование и достоинство), станува јасно зошто помалку способните не кадарни да се дочепат до тоа работно место, стојат на станицата (партиска) и се качуваат во возот кој ги води во некоја од државните институции. Додека овие другите, исто стојат на станицата, ама во спротивен смер, нивната карта обично во еден правец, надвор од државата!

Знаете што е разликата помеѓу партиски вработен кадар и кадар вработен на реален конкурс во државна институција? – Првиот, секогаш одработува прво за партијата, а после тоа за институцијата (народот). Додека вториот, професионално е државен (народен) службеник. Најчесто тој, на свој грб ја покрива работата и за првиот. Затоа, сега, се почесто ќе можете да ги видите луѓето кои со полни торби ви доаѓаа од врата на врата за време на кампањата се сместени во некое институционално ќоше и медитираат до некоја наредна кампања!

И сега, со ДПМНЕ бевме на иста линија по однос на доста прашања во предизборието. И еве ги другарите, неколку дена на власт и ретерираат! Од ветување за укинување на балнсерот, вчера изгласаа Собраниска комисија за спроведување на балансерот, и тоа на предлог на ДУИ. За да биде уште поинтересно, за изгласувањето на Комисијава, во салата имало само еден пратеник од ДУИ, што значи ДПМНЕ скоро па сами целосно им го изгласале (долг останат за услугата од ДУИ што им ја изгласа систематизацијата, а за истата можеа да добијат поддршка од Левица, ама не сакаа да прифатат една изборна единица) собранискиот балансер.

Држава која продолжува да стимулира етничка фаворизација (позитивната дискриминација) и за сметка на тоа прави професионална дискриминација, НЕ МОЖЕ да очекува дека младите и стручни кадри ќе ги задржи дома. Општество што се гради на негативна селекција, па и нема нешто многу иднина.“