Членови на избирачки одбор фотографирале гласачки ливчиња
Двајца охриѓани, членови на избирачки одбор предложени од политичка партија, во првиот круг од претседателските избори, фотографирале избирачки список и гласачки ливчиња и споделувале информации на мобилна апликација за комуникација. Кај нив е извршен претрес и по проверката на нивните телефони тие се осомничени се за слоупотреба на лични податоци и за прекршување на Изборниот законик.
„На 06.05.2024, по претходно добиени оперативни податоци за фотографирање на избирачки список и гласачки ливчиња на првиот круг од претседателските избори одржан на 24.04.2024, од судија на претходна постапка обезебедена е наредба за претрес во дом и помошни простории кај М.М.(51) од Охрид и Т.Ц.Т (44) од Охрид, членови на избирачки одбор предложени од политичка партија.
При претресот пронајдени се два мобилни телефони, во кои се пронајдени фотографии од избирачки список со лични податоци од гласачи во избирачкиот список, фотографии од гласачки ливчиња со заокружен број, кои се испраќани од гласачи како доказ дека го дале својот глас за еден кандидат, потоа споделени во креирана група за комуникација на мобилна апликација за комуникација. Со двете лица извршен е разговор во полициска станица“ – информираа од СВР Охрид.
Дополнително повикани се и други лица со цел да се обезбедат дополнителни доказни материјали за кривичното дело по член 149 од КЗ “злоупотреба на лични податоци” и прекршок по член 190 став 2 од Изборниот законик.
По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.