Стратешки производи и државни претпријатија
- Пишува: Методи Алексов – Дипломиран правник
Благосостојбата на Македонија во 21 век зависи единствено од трудот на Македонците, без разлика дали е тоа интелектуален или физички труд. Без разлика дали и кога ќе влезе во Европската унија или некоја друга економска/политичка заедница, ќе мора да се создаде и развива економија, која ќе биде основана на компаративните предности на Македонија како држава, земја и менталитет.
Веќе 20 години, забележителен е бранот на иселување во Западна Европа, каде Македонците се познати како вредни и способни работници. Работнната сила и нејзините квалификации не се проблем и кочничар на македонската економија. Едноставно, секој човек сака трудот достоинствено да му се цени. Оттука, единствена причина за иселувањето на работоспособното население од Македонија е лошото раководство на државата и лошите политики на политичките партии. Во последните 30 години, државата не успеа, или поточно не сакаше да го заштити работникот. Политиката за „развој“ на економијата се темелеше на строго приватна иницијатива, на која и беше гарантирана „заштита од работниците“. Политичарите ја прогласија државата за „лош домаќин“ – по дефиниција и успешно го продадоа примерот на западните земји, кои ја развија својата економијата врз капиталистички и пазарни основи. Но заборавија да спомнат дека западните земји ја развиваа својата економија во текот на последните три-четиристотини години преку експлоатација на колониите во третиот свет. Пазарните услови во односите западни земји – колонии не важаеа и сеуште неважат. Разумен заклучок е дека развиен пазар и капитализам неможе да опстои без колонии за ефтини, т.е. бесплатни суровини, кои во исто време се и резервни пазари за пласирање на вишокот индустриски производи.
Во недостаток на колонии(!) Македонскиот капитализам во деведесеттите години на минатиот век почна да се експлоатира, односно, да се јаде себеси. Приватното претприемништво се раѓаше и се развиваше на урнатините на поранешните општествени претпријатија и опстојуваше некое време, се додека имаше економска логика да се распродаваат останатите материјали за репродукција или атрактивните недвижности – деловен простор, фабрички хали, складови – од пропаднатите општествени претпријатија.
По двеилјадитата година, оние приватни бизниси кои останаа, се развиваа единствено врз основа на примитивна експлоатација на трудот, за минимални плати, без здравствено и пензиско осигурување, без можност за напредок во кариерата, без достоинство!!!
Од друга страна новопечените претприемачи – газди и капиталисти не успеаја (не знаеја) да развијат нови производи, не успеаја да имплементираат иновации ниту сакаа да ги жртвуваат награбаните средства за нови инвестиции.
Денес, кога Западна Европа ги отвара вратите за вредните македонски работници, приватниот бизнис „се крсти“ во увезени работници од некои азиски земји, кои за жал се во уште потешка економска положба од Македонците.
Странските инвестиции, пак, ја следеа капиталистичката економска логика за да инвестираат што помалку а да добијат што повеќе. Затоа, денес, имаме ситуација на „летечки“ странски инвестиции, кои можат во било кој момент да ги соберат средствата за производство и да ги преселат во други земји каде трудот е поевтин а државните субвенции се побогати (Во моментот на пишувањето на овој текст, актуелна вест е можен стечај на белгиската компанија за производство на автобуси Ван-Хол).
Дивиот капитализам ја погребува македонската економија, а законите на економската наука се неумоливи – за развој е потребна акумулација на капитал и инвестиции!
Излез од ваквата економска ситуација постои, и не е нов!
Пред 80 години, државата Југославија ја презеде економската иницијатива и определи стратешки стопански гранки кои станаа водечка сила на југословенската економија.
Со овој „свеж“ пример, се докажа дека државата е моќен економски играч и има можност да акумулира инвестициски капитал.
Македонија може да тргне по истите стапки!
Од секогаш, во Македонија растеле и се одгледувале низа земјоделски култури кои се специфични и можат да се натпреваруваат со сличните од другите земји.
ТУТУН, АФИОН И КОНОП!
Илјадници македонски земјоделци се вклучени во одгледувањето на тутунот и за некои од нив тоа е единствен или главен приход.Ориенталните сорти тутун, прилепец, отља, џебел и др. прекрасно успеваат на македонската земја и со векови се едни од основните извозни производи. Поради специфичноста на македонскиот тутун, кој дава буќетни ароми и вкусови на тутунските производи, истиот е баран од најголемите светски тутунски производители.
Може ли Македонија да ја монополизира трговијата со суров тутун?
Да, може и мора.
Државата, преку Државно тутунско претпријатие, ќе ги мобилизира тутуно-производителите, ќе направи план за земјоделските површини, кои се планира да бидат засадени, ќе склучи договор со секој земјоделец за сума која ќе му гарантира достоинствена годишна награда за земјоделскиот труд и на крај ќе го откупи произведениот тутун.
Македонските земјоделци ќе бидат заштитени од неплаќање и потценување на трудот од страна на светските тутунски производители.
Истото Државно тутунско претпријатие, ќе упати повик на светско ниво, до производителите на тутунски производи, да се пријават за планираните приноси на суров тутун. Откако земјоделците ќе го произведат суровиот тутун, Државното тутунско претпријатие ќе го препродаде произведениот суров тутун на пријавените производители на тутунски производи со што ќе го преземе ризикот за квалитетот и квантитетот на македонскиот тутун.
Исто така, Државното тутунско претпријатие ќе склучува договори за соработка за развивање на нови тутунски производи.
Соработка ќе се развива со државни претпријатија од земјите во развој (Куба, Доминика, Хондурас, Никарагва) и. истата ќе биде на рамноправна основа. Државното тутунско претпријатие ќе биде стожер за тутуно-производството во Македонија и гарант за професионалните македонски земјоделци.
Македонскиот афион е еден од најквалитетните во светот – 14 морфиумови единици, наспроти 6 % од Кина или околу 10% од Авганистан. Грбот на Македонија веќе 80 години ги има афионските мешунки како заштитен знак. Денеска, едно од најуспешните македонски претпријатија е создадено како општествено претпријатие за фармацевтски производи врз база на афионови деривати.
Поради стратешката важност на афионот, но и поради големиот ризик од злоупотреби, единствено решение е да се создаде Државно афионско претпријатие. Ова претпријатие, за разлика од Државното тутунско претпријатие, целосно ќе го преземе производството на афион. За оваа намена ќе се даде на користење целото државно земјиште во Повардарието и во другите земјоделски региони, каде афионот успева (Светиниколско, Струмичко, Гевгелиско, Валандовско, Кумановско).
Државното афионско претпријатие ќе упати меѓународен повик до фармацевтски претпријатија кои, во процесот на производство го користат афионот како суровина. Услов за соработка ќе биде отворање погони за преработка на афион во Македонија. Они фармацевтски претпријатија, кои ќе понудат поголема преработка на афионот, односно поголема додадена вредност на афионот пред извоз на светските пазари, ќе добијат и поголем процент од вкупно произведениот македонски афион.
Конопот е, исто така, традиционален македонски земјоделски производ. Овде не зборуваме за Cannabis sativa, чие досегашно производство во Македонија донесе само злоупотреба и богатење на поединци, туку за индустрискиот коноп Cannabis Indica. Овој подвид коноп содржи минимален процент наркотични материи и може слободно да се одгледува. Користа од конопот, како земјоделска и суровинска култура е огромна – конопот наоѓа примена во прехранбената индустрија, градежната индустрија, текстилната индустрија и во сточарството.
Масло од коноп, изолациони материјали, композитни материјали, јажиња, конец, текстил, силажа за прехрана во сточарството, хартија и огревен материјал се само дел од производите кои се добиваат од коноп.
Македонија може да создаде Државно конопно претпријатие, кое ќе ги организира земјоделците од регионите каде конопот најдобро успева но и ќе организира производство на државното земјоделско земјиште.
Неколку филијали на Државното конопно претпријатие ќе се специјализираат за различна, но што поголема, преработка на конопот и производство на производи со што поголема додадена вредност.
Исто така, Државното конопно претпријатие ќе упати меѓународен повик за соработка со земјите во развој, каде конопот се култивира и каде има голема улога во секојдневниот живот (Русија, Кина, Уругвај, ЈАР, Франција и други земји од ЕУ), а исто така ќе упати меѓународен повик до земјите каде конопот има култен статус (Холандија) за пласман на готови производи од коноп – масло за јадење, конопен текстил, хартија од коноп и слично.
Одгледувањето на конопот значајно ќе го помогне и сточарството (овчарството) бидејќи големи количини на евтина силажа ќе ја направат оваа земјоделска гранка поисплатлива.
ДРЖАВАТА КАКО ЕКОНОМСКИ СУБЈЕКТ
Лага е дека државата е лош стопанственик. Единствено потребно е да се постават вистински луѓе на вистински места.
Во Македонија постои солидна основа за создавање државните претпријатија, во правна форма на акционерски друштва во сопственост на државата. Според македонскиот закон за трговски друштва, акционерските друштва ја имаат привилегијата да емитуваат акции како начин за прибирање на капитал. Државните претпријатија ќе емитираат акции само меѓу граѓаните на Македонија и строго во ограничени пакети. Строго ќе се забрани да се продаваат акции на странци и на странски претпријатија. Во случај на потреба за соработка со странски компании, истите ќе можат да стекнуваат облигации или акции без право на глас. Секој граѓанин ќе може да купи идеален пакет акции по номинална или привилегирана цена. Понатаму, преку берзата, побогатите македонски граѓани ќе можат да откупат акции на државните претпријатија од посиромашните граѓани но по пазарни цени. На овој начин, слободните средства на граѓаните ќе останат во служба на развојот на Македонија и нема да се слеваат во странски инвестициски фондови, кои се во служба развојот на странските акционерски компании.
Во управувачките структури на државните претпријатија, ќе седат одборници од државата, синдикатите, земјоделските здруженија, научните институции и студентите. Строго ќе се забрани учество во управувачките структури на државните претпријатија на странци, лица со двојно државјанство, политички претставници на македонски партии (поранешни државни функционери) и лица кои имаат/ле приходи од странство – странски агенти. За претставниците на синдикатите, земјоделските здруженија и студентите ќе биде потребен избор на непосредни внатрешни избори. Забрането ќе биде делегирање на одборници. Исто така, мандатот на одборниците ќе биде строго ограничен. Организацијата на државните претпријатија е прашање кое бара и заслужува широка демократска дебата, пред се поради општествените средства кои ќе бидат вложени во нив.
И изборот на луѓето за управување со државни претпријатија нема да трпи политкика и непотизам. Просто и лесно е да се отсејат способните од неспособните. Резултатите од работата се најдобрата карактеристика и CV. Сеуште има луѓе кои си ја сакаат Македонија и кои се спремни да работат, не за себе и за денешниот ден, туку за децата на утрешнината.