ЈП Комуналец продава народен имот вреден 500.000 евра за да си ги расчисти долговите
Народниот имот вреден 500.000 евра е ставен на продажба заради ненавремено сервисирање на долговите на претпријатието.
На 27.03.2024 година закажана е продажба во 10 часот во просториите на Извршителот Гордана Џутеска од Охрид, преку усно јавно наддавање на недвижен имот на недвижности означени во лист В од имотен лист 88117 за КО Охрид 3 како:
КП бр.14766 дел 2, на м.в. Бул. Туристичка, на зграда/ друг објект1,намена на зграда во стопанството, влез 2, кат ПР,број ДП, во површина 344 м.к.в.
КП.бр.14766, дел 2, на м.в. Бул. Туристичка, број на зграда/ друг објект1, намена на зграда преземена во конверзија од стариот ел.систем, помошни простории, влез1, кат ПР бр. ПП, во површина 23 м.к.в
Поради недомаќинско и расипничко работење на сите досегашни директори на ова претпријатие, сегашниот Директор на Ј. П. Охридски Комуналец, Сашо Најдески е во состојба да мора да го раскрчмува имотот на јавното претпријатие, со продажба на народен имот во Градскиот пазар – Охрид.
Охридскиот локален огранок на Политичката партија Левица, смета дека ова е навистина крајно застрашувачки што забрзано се продаваат јавни добра што ги поседува Државата, наместо да се вложува во нови инвестиции. Сите значајни капацитети што ги поседува Република Македонија мора да останат државни и истите да служат во корист на Државата и народот.
Потсетуваме дека Левица до сега неколку пати реагираше до јавноста за нефункционалното работење на директорот Најдески, во насока на: тешки тендери со битолската ГРИН-ТИМ, додека Охрид се дави во ѓубре; работници оставени без плата; принудни одмори и случајот со депонијата во Буково што неконтролирано гори и го загрозува здравјето на сите охриѓани.