Мојата земја

Богата и развиена земја не е онаа во која сиромашните имаат кола, туку онаа во која богатите користат јавен превоз. Така е во нормалните и развиени земји. Ние за жал не сме тоа. Ние сме болна земја. Болна е онаа земја во која плаќаш паркинг пред болница, додека ти е бесплатен оној пред шопинг центрите. Болна земја во која умирањето стана дневна нормална вест, статистичка бројка и ужасна одомаќинета навика.

Во секоја нормална земја, постои власт, народ и подземје. Само кај нас, подземје нема, бидејќи е дел од власта. И обратно.

Дури и во земјите со диктатура (и не само такви) постојат правила, таму владетелот владее со народот, а само кај нас владетелот не владее ни со самиот себе.
Живееме и блескаме во земја во која затворениците имаат повеќе слободни викенди, отколку работниците. И да, единствена земја сме во која платата навистина е ниска, ама барем ќе се изнаработиш за сите пари.

Живеам во земја во која единствена солидарност (или една од ретките) е аблендирањето со светла во сообраќај, но и тоа се прави за да ги зафркнеме џандарите. Или Да го парафразирам Горки „Човек, колку тоа подло звучи“. А да, кога сме веќе кај џандарите, живеам во земја во која оние кои треба да не штитат од насилство, обилно го користат. Додуша, користат и нешто друго, ама тоа си го чуваат само за себе и за свое задоволство.

Работам во земја во која одиме во етно села, наместо во своите забаталени села за да ги посетиме баба и дедо и да им го купиме она што им е потребно… Живеам во земја, во која сопрузите, сопругите, и децата ги гледаме само кога ќе падне инстаграм и фејсбук. Живеам во земја која си ја нарекуваме „Мојата“, а сите други ја викааат „Вашата земја“. Само што НИЕ пострасно си го говориме она „МОЈАТА“.

Мислам дека сме и едни од ретките земји во кои постојат сите видови мафии – шумска, урбана, бизнис, свинска, фармацевстка, политичка, судска… рака на срце, оваа политичкава мафија настана од две банди кои нон стоп си крадеа од нас. На крајот на краиштата, само ретките ги наоѓаат ретките.

Но, морам и нешто да ви признаам, ние сме сепак една од ретките земји која се уште го задржала оној чист автентичен, изворен смисол за хумор. Всушност, тука сме најбогати. Не случајно се вели, богат си толку колку што ти е богат духот. И дека не е се така црно, за крај еве еден дел од тој наш богат народен фолклорен дух „Сонував како во 2022 година не нападнал некој стомачен вирус и седиме во памперси и се присетуваме колку само ни било убаво и спокојно со маски“.

Всушност, ние и немаме претстава колку ни е убаво денес во 2021 , само не сме ни свесни за тоа. Верувајте ми, има и полошо.