Уште еден крвав ден во Газа
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа при израелските напади врз Појасот Газа загинале 82 луѓе.
Со тоа бројот на загинати, од 7 октомври кога почна војната во палестинската енклава, се искачи на 30.960.
Според податоци на Министерството за здравство во Газа, вкупно повредени се 72.524 луѓе.
Израелските сили убиле десетици исламистички борци на Хамас во Појасот Газа во изминатите 24 часа, соопштија денеска воени претставници, јави ДПА.
Според израелските одбранбени сили (ИДФ) во јужниот град Кан Јунис, војниците елиминирале 20 борци на Хамас во тесна борба и воздушни напади.
„Во таргетираните операции беа уништени воените објекти на непријателот и заробени се неодреден број борци. Најмалку десет терористи се убиени во центарот на Газа“, соопшти ИДФ.
Според палестински извори, израелски борбени авиони рано денеска бомбардирале висока зграда во Рафа, најјужното село во затворениот крајбрежен појас. Жителите однапред добиле предупредување и не биле во зградата во центарот на градот, која е уништена.
Сепак, неодреден број цивили се повредени во нападот на кулата Ал-Масри, објавија палестинските медиуми, повикувајќи се на локални извори.