Ванковска за 4 дена собра 6.200 потписи

Сосема веројатно дека на претседателските избори ќе има најмалку седум кандидати кои ги исполнуваат законските услови за нив да се гласа во првиот круг на 24 април. Според денешното известување на Државната изборна комисија за бројот на собраните потписи до 20 часот на 26 февруари кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, го поминал прагот од 10.000 (како што самиот тој објави синоќа) и има 10.528 потписи. Веројатно е дека ДУИ нема да запре тука, туку ќе продолжи со собирање потписи за да ја покаже широчината на поддршката за министерот за надворешни работи.

Блиску до границата се градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, зад чија кандидатура се потпишале 8.400 граѓани, и кандидатката на Левица, професорката Билјана Ванковска, која досега има собрано 6.237 потписи. Кандидатот на здружената албанска опозициција, Арбен Таравари, досега има писмена поддршка од 7.513 граѓани, а градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски од 4.718.

Заедно со уште двајцата главни ривали, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, за чии кандидатури ќе се одлучува викендов во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тоа се седум претенденти во претседателската трка.