Промоција на монографијата „25 години творештво“ на Пандора Апостолоска Саздовска
Вечерва (19.01.2024 год.) со почеток од 21 часот во Бруталиск“, центар за мултимедијален проект, архитектура, уметност и дизајн, во Скопје ќе се одржи промоција на монографијата „25 години творештво“ на Пандора Апостолоска Саздовска.
Монографијата ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторката во период од 25 години творечка работа. Текстот е на историчарот на уметност и ликовен критичар Златко Теодосиевски, кој потенцира дека Пандора Апостолоска Саздовска е мултимедијална уметница, која работи цртеж, сликарство, објекти/инсталации, перформанс, фотографија…, без самонаметнати преференции и правила, туку водена од „темата“ го избира и најсоодветниот авторски исказ.
На нејзините изложби најчесто гледаме комбинација на медиуми/искази, а тоа следствено се пренесува и во многу нејзини дела, каде што сликата, на пример, се трансформира во објект, објектот во инсталација, перформансот во слика итн. Тоа говори за уметница со комплексна мисла и авторски исказ, за типичен постмодернист и ангажиран творец воден од идејата, темата, проблемот… елабориран во нејзината внатрешна „лабораторија“ на рефлексии и чувства, избори и одлуки. Кај Пандора Апостолоска Саздовска всушност говориме за комплексно концептуално мултимедијално творештво низ кое како тенка „црвена линија“ се провлекуваат неколку битни „општи места“, неколку „теми“ што уметницата ги развива речиси од самиот почеток: загубата – ненадоместливото губење човечки животи особено изразено во современите воени конфликти од локални или пошироки размери, а во тој контекст особено „бегалската тема“ (која е и нејзина лична „приказна“; феноменот на смртта – како неизбежна последица од човечката агресија и насилството. Оттука, самата суштина на нејзиното досегашно творештво најдобро се поврзува во еден збор: загуба – вели Теодосиевски.
Пандора Апостолоска Саздовска е визуелна уметница, активистка и истражувачка. Во 2004 година дипломира на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација, под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен.