АктуелноЛокалноСтав

Анализа: Привилегии за странските инвеститори – трошки за домашните

Пишува: Анета Манчевска – член на секторот финансии при политичката партија Левица

Странските компании кои инвестираат во нашата земја, ќе добијат државна поддршка преку грант за креирање на нови работни места, во износ од 3.250 евра по работно место, додека пак, домашните компании ќе добијат можност за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување доколку ја зголемат нето платата на своите вработени од 3.000 до 9.000 денари.

Ова се последните најавени мерки за поттик на странските инвеститори во земјата, но ѝ за поддршка на македонското стопанство од кои се очекува зголемено задоволство кај идните гласачи, т.е. вработени во домашното стопанство.

Што им даваме, а што добиваме од странските инвеститори?

Концептот на слободни економски зони веќе подолг период ги бранува домашните бизнис кругови. Ефектите од странските директни инвестиции треба да имаат позитивен ефект врз растот на економијата. Но, досега не е направена детална анализа на вистинските ефекти од капиталните и странските инвестиции. 

Привилегиите кои ги добиваат странските инвеститори во земјата, финансирани со државни пари се фрустрација за обичниот граѓанин, бидејќи порастот на БДП (со вклучени нови странски директни инвестиции) се помалку се чувствува во растот на стандардот на населението.  

Ова значи дека инвеститорите се целосно ослободени од плаќање на данок на додадена вредност, данокот на добивка не плаќаат за период од 10 години, додека пак, за сите исплатени плати на вработените, персонален данок не плаќаат во период од една деценија. Нето-добивката за странецот, наспроти сумата одвоена за плати за вработените, е два до три пати поголема од платите на работниците. 

Инфраструктура изградена од државата и ослободувања од давачки

  • Поддршка на растот на капиталните инвестиции и приходите со поврат од 10+10% од инвестициските трошоци во нови машини и опрема или инвестиции во згради;
  • Ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште кон единиците на локалната самоуправа, како и надоместоци за добивање на градежни дозволи;
  • Долгорочен закуп на земјиште до 99 години по концесиски цени во слободни зони во Република Македонија;
  • Бесплатно приклучување на природен гас, водоводна и канализациона мрежа;

Да резимираме, издвојувањето големи суми државни пари за привлекување и помагање на странски инвеститори се пари на македонските даночни обврзници кои завршуваат како добивка за странските фирми.

Инаку, ТИРЗ започна кампања „Иднината почнува дома“ чија цел е преку примерите на млади луѓе кои работата во Зоните да се претстават можностите за работа. Но, тука се поставува едно клучно прашање, зошто да работат нашите деца за остварување на странски профити, наместо да се стимулираат да работат во домашното производство, во домашни фабрики, да градат свои хидроцентрали, патишта…инфраструктура. 

И, зошто не се дозволува влез на домашните компании во ТИРЗ? 
Законот дозволува влез на домашни компании, но проблемот е во нашите „способни“ институции кои го кочат напредокот на нашето стопанство. 

Како македонските компании, посебно малите, опстануваат и учествуваат во БДП?

Тргнувајќи од последно најавената мерка за домашните компании каде добиваат можност за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување доколку ја зголемат нето платата на своите вработени, веднаш наидуваме на една состојба на дискриминација на домашниот бизнис, каде сите домашни компании ја немаат можноста за финансиска поддршка, туку ослободување на дел од придонесите може да користи само обврзник за осигуреник кој врши дејности во угостителство, текстилна индустрија и градежништво.

Според податоците на Управата за јавни приходи обработени на втори јануари 2024 година, за ноември минатата година, околу 20 000 лица не добиле плата за тој месец. 

Дополнително на ова, според податоците објавени во анализата на Државниот завод за статистика насловена „Регионите во Македонија“ во период од три години бројот на активни деловни субјекти во земјава се намалил за скоро шест илјади компании или точно 5.490 фирми. 

Дали ова докажува дека голем број домашни фирми мака мачат да опстанат, други, не можат да најдат соодветен стручен кадар, трети, не ги исполнуваат „посебните услови“ за да го прошират и доразвијат својот капацитет. Дали проектите доделени на домашните компании преку ФИТР се одбрани по критериум „блиски до власта“, дали ова докажува дека програмите за вработувања во домашни фирми се со милион предуслови кои треба да се исполнат за да добиеш некоја поволност при вработување, дали ќе добиеш тендер, зависи од воспоставениот канал за „соработка“ и т.н.

Извештаите, презентациите, фалбите на оваа Влада за рамномерен и инклузивен развој на државата е мачкање очи на граѓаните пред избори. Со бројките, со кои се фалат, само ги зголемија своите плати, додека граѓаните си останаа заглавени во лавиринтот на повисоки цени на храна, струја и сè останато.