За Макрон нема проширување без реформа на ЕУ – За Маричиќ ЕУ испраќа добар политички сигнал
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера на годишниот собир на француските амбасадори во Париз изјави дека ЕУ можеби треба да еволуира кон унија со различни брзини, додека размислува како да ги интегрира Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан.
Макрон повторно вели дека ЕУ треба да се реформира ако сака да се прошири со нови земји, став сличен, како пред неколку години, кога Македонија доби вето од Франција за преговорите со ЕУ, по што преговарачката рамка беше дополнително усложена.
„Ризик е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформа. Можам да посведочам дека доволно е тешко за Европа да напредува на чувствителните теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки, нема да биде полесно“, кажа Макрон.
Францускиот претседател потсети на уште една негова идеја која никако не оди во прилог на земјите кандидатки за членство во ЕУ, а тоа е унија во неколку брзини, што ќе значи дека полноправно членство е невозможно.
„Потребна ни е храброст да прифатиме поголема интеграција во некои области и можеби дури и Европа со различни брзини“, додаде тој.
Но и покрај ваквата изјава Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во изјавата за МИА рече дека не треба да ја пропуштаме и да се блокираме самите себе си чекајќи подобри времиња, во момент кога се праќа недвосмислен сигнал за проширување на ЕУ, алудирајќи на говорот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на отворањето на Бледскиот стратешки форум. Според Маричиќ, ова е добар сигнал.
„Ова е доволен сигнал дека работите во ЕУ се менуваат кон подобро, поповолно кон нас и мислам дека што побрзо ги завршиме нашите обврски ќе се најдеме во групата на наредни членки на ЕУ“, изјави Маричиќ.
Иако е најавено за „европа во повеќе брзини“ и на можноста некои земји засекогаш да останат во трет ред, како и децидниот став на Макрон дека нема проширување пред внатрешна реформа во ЕУ, Маричиќ повикувајќи се на изјава на Шарл Мишел, вели дека ЕУ испраќа добар политички сигнал за владината стратегија за ЕУ.
„Мислам дека е тоа добар план, добар политички сигнал и затоа нашата стратегија на брз влез во ЕУ добива уште повеќе на сила, тоа ни кажува дека чекањето не е стратегија, чекањето е само стратегија којашто ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта за ЕУ“, порача Маричиќ.