ЕУ сака Западен Балкан да се откаже од јагленот, ја зголеми цената на струјата и премине на зелена енергија
- Пишува Моника Маневска
Прво, пред да почнам, морам да ја посочам првата ненамерна или намерна грешка. Ова не е Западен Балкан, како што не убедуваат, туку Централен Балкан. Се создава впечаток како некој да сака со ова да ни подметне дека треба да бидеме свртени исклучиво кон Западот, бидејќи нели сме Западен Балкан, и со тоа треба да се откажеме од Истокот и да ги прекинеме сите врски со нив. А за ова второво, притисоците се огромни, насилно агресивни и неосновани. Но верувам, дека оваа, слободно можеме да ја наречеме така, измама, Западен Балкан, ќе биде лесно проголтана од поголемиот дел од народот, затоа што и нашите политичари го повторуваат истото. А, како Централен Балкан, сосема е природно да соработуваме и со Истокот и со Западот, и со сите останати земји во светот.
Но, да се вратиме на темата. Овој долг наслов го привлече моето внимание. Имено, дозволете да ви пренесам што велат.
“Енергетскиот сектор на Западен Балкан мора што поскоро да се откаже од јагленот и да се сврти кон обновливите извори на енергија! – изјави заменик-директорот на Енергетската заедница, која ги обединува ЕУ и нејзините соседи, Дирк Бушле. Само прашањето е тука кој ќе ги диктира цените и кој ќе го собира профитот од таквото обединување?
Дополнително, како што наведе тој, “на Балканот МОРА да поскапи и струјата”.
“Неодговорното менаџирање и политичкиот императив да се задржи цената на струјата ниска ги остави енергетските компании од Западен Балкан без волја и средства да инвестираат во постројки за нова генерација и да се откажат од зависноста од јаглен”, го изразува своето мислење Бушле во интервју за порталот „Евроактив“.
Според Бушле, земјите премногу се потпирале на јаглен и евтина енергија, занемарувајќи ги инвестициите. И сега се поставува прашањето зошто на ЕУ им смета Балканот да си произведува самиот евтина електрична енергија за себе?
Сиромашниот народ нема друг избор, нели?
Но, да не ги заборавиме и постојаните закани кон Србија во овој сектор со вечните уцени дека непослушноста ќе се казни. Имено, енергетската заедница во неколку наврати ја предупреди Србија дека нејзините одлуки во енергетскиот сектор може да се одразат на забавување на преговорите со ЕУ. А дотокот на евтин руски гас до Србија е неприфатлив во секој облик на неговото постоење.
Поради тоа, Бушле во 2013 година посочи дека договорот меѓу Србија и Русија за изградба на гасоводот Јужен тек во многу точки е во спротивност со европските правила.
Е сега, никаде црно на бело, не успеав да ги најдам кои се тие правила? Дали некој може да ни објасни за кои европски правила се работи? Дали и ЕУ воведува некој европски поредок заснован на правила, неизгласан од ниеден народ?
Имено, доколку се изгради нова енергетска инфраструктура како што е Јужен тек, мора да се осигура дека трета страна, во овој случај ЕУ, ќе има корист од тоа, објасни Бушле.
И сега, сосема природно, тука сега се поставува прашањето а зошто ЕУ мора да има корист кога Србија не е во ЕУ? Зошто Србија да не добива евтин гас од Русија, кој ќе допринесе за подигнувањето на економијата во земјата? Можеби и во ова прашање лежи одговорот. И нормално дека проектот на крајот беше напуштен поради опструкции од страна на Европската комисија.
„Многу земји од Западен Балкан ја занемарија модернизацијата на енергетскиот сектор. Повеќето електрани се или блиску до планираниот работен век или го надминаа“, тврди Бушле.
Финансиската помош на Европската унија во оваа работа треба да биде насочена кон поддршка на проекти и мерки кои промовираат „зелена“регионална транзиција, рече Бушле.
Обично кога се зборува за помош, се мисли на кредити, или делумна финансиска помош за купување нивни технологии кои се или прескапи или уште во експериментална фаза, па ние ќе треба да ги финансираме нивните експерименти, чија потенцијална пропаст само ние ќе ја плаќаме.
И сега, дали ние ќе треба да ги затвориме нашите производства на поевтина електрична енергија, за да купуваме прескапа, од нив? Да земаме кредити од ЕУ за да ги купиме нивните прескапи технологии за некоја непроверена зелена енергија? И ако е таа толку добра, би сакала да ги прашам што има да каже господинот Бушле на следниве информации? До каде е ЕУ со нивната зелена регионална транзиција?
Колапс на идејата за „Зелена политика“ – Дали Европа сега троши повеќе јаглен?
“Соочени сега со енергетска криза, европските земји се свртеа кон јагленот и нуклеарната енергија. Ова не би било чудно доколку претходно не се определија за таканаречената зелена енергија.
Како што потсетува агенцијата Анадолу, тешкото снабдување и прекинот на протокот на руски природен гас, како и поради санкциите на Европската унија, дополнително ја продлабочи енергетската криза во Европа.
Учеството на јагленот во вкупното производство на електрична енергија на земјите од ЕУ се зголеми на 16% во 2022 година, а две години претходно беше 13%.”
Употреба на јаглен
“Најмалку 26 затворени електрани на јаглен беа рестартирани во ЕУ минатата година.
Земјите на ЕУ со години ја ставаа безбедноста на снабдувањето со енергија под притисок на јавноста и наместо тоа се фокусираа на политиките за заштита на животната средина и спречување на климатските промени, но мораа да го променат својот став со прекинот на увозот на природен гас од Русија.
Енергетската криза која ја зафати Европа сега, го намали противењето на употребата на јаглен и нуклеарна енергија во европските земји.
Во Европската унија во 2022 година се произведени 349 милиони тони јаглен, што претставува годишен раст од 5%.
Производството и потрошувачката на јаглен во Европската Унија е зголемена во 2022 година во однос на 2021 година, објави денеска Евростат. Во 2022 година во ЕУ се произведени 349 милиони тони јаглен, што претставува годишен раст од пет отсто , а се потрошени 454 милиони тони – два отсто повеќе од 2021 година.”
И сега, нема да се ставам во улога на критичар на политиката на ЕУ, но само би сакала да го поставам прашањето “Дали ЕУ намерно го турка Балканот кон поголема економска и енергетска катастрофа од некои други причини, или едноставно се работи за стремежите на ЕУ за воспоставување на нивен енергентски монопол на Балканот”? Или и понатаму ќе ги голтаме приказните дека се тука за да ни помогнат?
Доволно е да се напомене дека безбедноста на една земја, во добар ден е условена и од нејзината енергетска безбедност. На тој начин, енергетската безбедност суштински поприма и значајна геополитичка, економска, војна и безбедносна димензија.
Поради тоа, од суштинско значење за секоја земја е електростопанството да остане во сопственост на државата и никогаш да не дозволи да се распродаде на странски или приватни компании. Затоа што, на тој начин, државата се откажува од стратешките ресурси за иднината на својата земја и народ, и идните поколенија.
Оттука, природно се наметнува заклучокот зошто всушност ЕУ сака да спроведе монопол на енергетската безбедност на целиот Балкан.
И сега тука, се наметнува и прашањето за енергетската безбедност на Република Северна Македонија, или ова да биде статија за некој друг ден?