АктуелноЛокално

Јуанот го надмина доларот и стана доминантна валута во кинеската трговија со странски компании

За прв пат во историјата, НР Кина го користеше јуанот повеќе од американскиот долар во трговијата со странски компании. Во вториот квартал од оваа година НР Кина оствари повеќе трговски трансакции со странски земји во својата домашна валута.

Во јули, компаниите и организациите од најнаселената земја во светот направија 49 отсто од деловните трансакции со странски земји во јуани. Тоа е приближно шест илјади милијарди американски долари.

Добар дел од трансакциите во јуани оди за трговија со Русија, потоа Бразил и Пакистан, а делумно и Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив. Сепак, експертите сметаат дека уделот на јуанот во светската трговија е сè уште мал и изнесува помалку од три проценти.

Од друга страна, американскиот долар е најзастапена валута со околу 42 отсто, а пред јуанот се и еврото, британската фунта и јапонскиот јен. Но, по отпочнувањето на конфликтот во Украина, иако прозападните експерти предвидуваа економски колапс на Русија, новите економски договори на оваа земја со НР Кина, драстично почнаа да ја менуваат економската и трговска карта на светот, водејќи го кон мултиполарност.

Иако доларот е пред јуанот, гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кој се бори да стане републикански кандидат за американски претседател, ја гледа НР Кина како економски непријател. Во неговиот економски план од 10 точки, кој тој го нарекува револуционерен, има посебна ставка – прогласување независност од кинеската комунистичка партија.