АктуелноЛокално

Левица: Министрите на СДС неспособни да го довршат започнатиот Турски театар

На сликата е идејното решение на Турскиот Театар кој што почна да се гради пред околу десетина години и никако да се изгради. Театарот на локацијата во близина на Железничката станица во Скопје, почна да се гради во 2014, како еден од капиталните проекти на тогашната Влада и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Според тогашните најави, карабината на театарот ќе ја финансира Министерството за култура, а за втората фаза пари ќе даде Турција. Турски театар-Скопје пред 3 години одбележа седум децении постоење на сцената на Театар Комедија, каде што работи во изминатите години, а објектот што за овој ансамбл се гради со години е сè уште карабина и далеку од конечна реализација.

Изградбата на Турскиот театар ја наследува СДС/ДУИ со нивните министри кои наизменично се менуваат. Продолжување на изградбата најавуваа и поранешниот министер Алаѓозовски, а и поранешната министерка Ирена Стефоска, која на прес конференција го најави тоа преку презентирање на Предлог – буџетот за културата за 2021 година. Но, сè остана на празни муабети. Проектот денес го наследи и сегашната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, која само ја продолжи низата со уште еден започнат, но не и завршен проект во нивниот мандат.

Ја прашуваме актуелната министерка, до кога глумците од Турскиот Театар ќе чекаат нов објект за да ја вршат својата работа достоинствено и како што доликува? Дали планираат да завршат барем еден проект во двата мандата откако се власт? Дали имаат намера културната сцена да ги запамети по конкретен проект, освен по празните предизборни ветувања?

Очигледно е дека сè додека актуелната Министерка за култура води предизборна кампања и постира фотографии од партиски настани што не се во културен домен, објекти како што е Турскиот театар ќе зјаат недовршени и ќе го нагрдуваат центарот на градот.

Театарот беше најавено дека треба да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни. Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. Во рамки на театарот треба да има и галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. За жал, сè ова останува нереализирано, а карабината продолжува да пропаѓа.