АктуелноЛокално

Кираџиева: Црвената револуција против бугаризација на Македонија

  • Пишува: Весна Кираџиева, членка на Централен комитет на Левица

Минатата година, овој период (02-16. јули 2022г.), во полн ек марширавме на протести против бугаризација на Македонија – долги две недели викавме „НЕ“. Ми излегоа зборовите на „Заветна“ и ме потсетија на сите емоции од лани и ептен ме заболе, до солзи, па сакав да си искажам, што си носиме со нас како товар, една година подоцна.

Може да те одречат,
други да те предадат,
можат сешто да измислат.
Само ти си бесмртна,
жива вода подземна,
кај што тонеш ти извираш.

Замисли да имаш народ кој со десетици илјади, две недели, откога таа сабота (02. јули ‘22г.) почна протестот, маршира секојдневно, на среде лето, кога Скопје е празно, а луѓето се по одмори, а тие релативизираа и се оглушија на овој народ.Замисли да имаш народ кој две недели, гласно вика „НЕ“ за бугаризација на Македонија, отфрлајќи го „францускиот предлогот“, а тие релативизираа и се оглушија на овој народ.

Замисли тој народ да е своеволно секојдневно на улиците, да не е уценуван, да не е платен од соросписки доларчиња, да не е обучуван од странски служби како да се однесува на протести и да вандализира, да не му се заканува партија, ако не се појави на протес, дека ќе лета од работа и замисли, без сето ова, секојдневно, скоро десет дена, ти да имаш полни булевари со искрен македонски народ и ти да се оглушиш на тоа! Тоа ве плаши, знаеме. Народот.

Замисли да имаш километри народ, секој ден на улиците и илјадници грла да ти скандираат „ОСТАВКА, ОСТАВКА“, а ти да релативизираш и да се оглушиш на овој народ. Каков бесчуствителен и бессовесен дебелокожец треба да бидеш, јас не можам да разберам, да нѐ те допре ништо од ова кое својот народ ти го кажува, да вика со денови дека не те сака, дека бара да си одиш, а ти да се оглушиш на тоа?!Замисли да имаш километри народ, секој ден на улиците и илјадници грла да ти скандираат „НИКОГАШ СЕВЕРНА, САМО МАКЕДОНИЈА“, а ти да релативизираш и да се оглушиш на овој народ.

Замисли да си висока екселенција, дојдена на гости во Македонија, примена со сите почести и ти да излезеш на ОВОЈ народ да му се правиш паметен, дека тој е глупав и не знае што е добро за него и треба ТИ да му кажеш, дека треба ТИ да му се обратиш на народот со отворено писмо и да му посолиш памет со „добронамерен“ совет, да те послуша, дека ТИ висока екселенцијо, знаеш подобро од овој народ што е најдобро за него и што тој сака, дека тој е неписмен и глупав да разбере дека му копаш гроб! Дрскоста твоја империјалистичка, капиталистичка! Нема да ви помине.

Да не беше Левица, отпорот ќе згаснеше уште вториот ден. ДПМНЕ го гушеа отпорот и гневот на народот, а протестот пробаа да го претворат во културно-уметнички перформанс. Тогаш прегризевме јазик да не ги нападнеме и да испадне пред јавноста, дека и самите оние кои протестираат меѓусебно се завојувани. Го гризевме јазикот секој ден, кога гневниот народ на кого му се спрема предавство, тие го амортизираа со играорни и фестивалски поп-песнички и настапи. Гризевме јазик и дента кога тргнати кон „Мавровка“, се повлекоа и ја оставија толпата предводена од Левица напред, кога постоеше основано сомнение дека албански провокатори може да ја нападнат масата – иако секојдневно, за пред камери, тие беа првите да се истопорат напред, навидум тие ја водат толпата. И ги остававме, немавме комплекс за докажување, имавме поголема цел – Македонија, па гризевме јазик. Гризевме јазик и дента кога лидерот на ДПМНЕ глумеше жртва, дека некој нему му спрема атентат кај подвозникот „Маровка“ (среќа излезе видеото веднаш, на кое јасно се виде дека немаше врска нападот со него). Гризевме јаик, иако тие што бевме секој ден таму во први редови, веднаш знаевме дека им ги матиме сметките и плановите за годишен одмор на ДПМНЕ, бидејќи она што тие си планирале да го искористат колку да замачкаат очи пред нивното членство за два дена, се претвори во масовни протеси две недели. Народот беше погласен и од едните и од другите, ништо не го сопре отпорот.

Затоа кога опоменуваме, опоменуваме за сите подеднакво, видовме одблизу со што се соочува македонскиот народ – внатрешни предавници и терористи од едната и кукавици од другата страна.

На последниот ден од собраниската расправа, на која СДСмихајловистичка и амнестираната УЧК/ДУИ насилнички го протурка ,,францускиот предлог” на ЕУ за бугаризација на Македонија, само шака луѓе бевме последниот отпор пред Собранието на Р. Македонија.

Се сеќавам дека излегов од Прес центарот на Левица (на 500-600м од Собрание), бидејќи отидовме со Симонов да пуштиме објави и до тој момент, не ме имаа совладано емоциите, бидејќи Собраниската седница ја следевме од компјутер. Кога веќе се вративме меѓу таа шака народ и пратениците, едноставно се чувствуваше болката. Само пратениците на Левица излегоа храбро пред нас, пред таа шака народ. Се сеќавам неколку постари женички им пристапија на Апасиев и Крмов со солзи во очите, а Апасиев само викаше, охрабрувајќи: „не плачи мајче, не е пораз, не паѓајте во духот“. А на сите ни се плачеше.

Јас мислев само јас сум била „мекуш“. Ама неодамна, во спонтан разговор паднавме на муабет за ова со генералната Мојсоска и Дарја М. и си признавме дека сите сме биле совладани, дека очите ни биле полни солзи, ама не сакаш да покажеш емоции пред народот, па да потврдиме уште еден стереотип за жените, дека се меки и емотивни и дека затоа не се за во политика. Ама јас не сметам дека емотивност е слабост – напротив, поголема борбеност во овие две и пол години како сум членка на Левица и активно вклучена во политиката, имам видено од жени, но и мажи со силни емоции. Признавање на изгубена битка не е слабост – тоа е соочување со реалност. А колку побрзо се соочиш со реалност, побрзо ќе ја надминеш, ма каква и да е таа, а поразот, ќе го прифатиш како нова лекција и следниот обид ќе го претвориш во победа. И ќе се обидуваш повторно и повторно и повторно – додека нѐ успееш. Додека нѐ успееме!

СДС и ДУИ славеа бугаризација на Македонија тој ден (16. јули), по две неделни борби со протести на македонскиот народ, но пирова ви е победата, предавници. Ништо не е готово додека предавниците не одговараат во затвор, а Македонија не ја ослободиме од нео-колонијалистите!

Знам дека нашата денешна борба би била смешна во очите на партизаните и комитите, дека од нас не се бараше да гинеме со оружје и треба да сме им благодарни што барем дотаму нѐ доведоа со нивната борба, но нас денес не ни е завршена борбата, Македонија не е слободна. А малкумна останавме да се бориме, дури иако не треба да гинеме, само да излеземе на улица, (или на избори) да кренеме глас, за многумина денес и тоа е огромен влог, па дури и храброст. Многумина ми рекоа, вие сте будали што направивте; некои, дека сме храбри, дека можеле да нѐ затворат, да нѐ апсат… ама јас не се гледам себеси како особено храбра заради тоа, ова ни е должност на сите.

Долг е патот на нашата борба, ама СЕПАК, НИЕ ЌЕ ПОБЕДИМЕ!