Писмо до другарче
- Пишува: Мери Георгиевска – Доктор на науки по репутација и менаџмент на Културните институции во РМ и Kоординатор во Акадeмскиот Сенат на Левица
Ти го пишувам писмово не за друго, туку дека лошите вести пристигнуваат по гаврани, а добрите по соколите.
Не бе, полека, не сум негативна, има и добри вести, ама полека. Има многу што да читаш. Таму горе немате 6G.
Прво, пред да ти пишам збор два, сакам да те замолам да не веруваш никому освен на своите очи и на Софокле, кој рекол дека гадно расипан е оној човек кој има подобри пријатели од сопствената Татковина.
Второ, не знам од каде да почнам. Сè ми се собра. Овде не чини работава. Владеачката аголна гарнитура креира општество во кое ќе биде возможно сè, за да не биде возможно ништо.
Се случуваат политички диверзии ден за ден, не знаеш која поголема. Дали од Сдс или Дпмне. Мислам дека е од Сдпмнес. Веќе ми се смачи да ги куцам. Ќе се договориме следниот пат, како да ги нарекувам. Пошо бивши луѓе, а пак ем бивши ем предобро платени, тешко е да ги наречеш нeкако освен бивши.
Политички диверзии од сите страни. Добро е само за укочен врат. За друго ама ништо!
Технологијата на политичките диверзии, нели ти ме учеше познава цело богатство на методи и техники на изведби. Така на пример, политичкиот субјект јавно задолжен да биде „task force“ за изведба на некој план, всушност е мајстор да го осуети истиот. Пример: Целата европска дипломатија во почетокот на 20-от век од петни жили сакаше да ги спроведи Миртцешките реформи во Македонија, а истовремено правеше сè да се осуетат и никогаш да не се спроведат!
Сè е игра. А овие овде глумат дека не знаат дека е игра. Бришат од мемориска картица сè што е национално. Мил мој, се случува најголемата распродажба на една и единствена Татковина Македонија на сите времиња!
Среќа Македонскиот народ одамна мисли со своја глава. Нема да им поминат на ниту еден шалтер налозите за нашето уништување, искоренување, асимилирање, трансформација, пререгистрирање, па ни ниските цени при распродажбата на Татковината.
Преименувањето им помина. Благодарение на Дпмне, директниот соучесник во најголемото предавство во историјата на чело со еден човек, кој никој не го гласал на никакви избори, а се вика мислам Мицковски Христијан.
Силно верувам дека нашиот народ кој е длабоко и милениумски врзан со земјата врз која опстојува, и наспроти сите историски бури, понижен до даска, ќе опстои.
А тебе од време на време ќе ти свирнат по една труба за да те потсетат дека не си паднал попусто, а себеси и другите да ги потсетат колку е апсурдно да имаш идеал. Велам идеал и тоа каков таков идеал, може да биде дури и Македонски, важно е да имаш каква и да е, и што и да е, важно да е некоја стока за на пазар.
Трето, овде нè убедуваат дека Слободата ја донесоа баш тие, и токму сега, а не ти. Ти само си паднал за неа и сега не мораш повеќе да стануваш. Ти не си повеќе потребен нити како бледо сеќавање, зошто новата и вечна слобода која се живее овде, кај и да е ќе го забрани со закон сеќавањето…Но ти биди мирен и спокоен, отсега натаму ќе ти пишувам скришум. Маргаретките сè уште растат на местото каде падна. А за ова скришум, ич не се секирај.
Та зар ние Македонците со векови не сме општеле со нашите прадедовци скришум, додека кадарно или некадарно нашите домашни предавничиња нè продавале и препродавале по европските пазари за стока?! Уште ништо не се сменило.
Ти, мил мој, секако паметиш дека ние на бесрамниците наши им велевме дека немаат ни срам ни перде, нели? Е па, да знаеш дека кај нас тие ги запалија сите пердиња за белосветските некогаш џандари, а сега трансџендери да истите да можат воајерски да буљат во нас додека ние ги правиме следните Македонци по нивен терк – без сеќавање…
Туку утеха ми се маргаретките, кои сè уште никнат каде ти падна мил мој. Не се откажуваат. Сè поголеми се и поубави!
Не сакам да те плашам (впрочем ти си докажано неустрашив херој), но морам да споделам токму со тебе неколку ронки од душава моја. Да, душава ми се лупи дур ти пишувам. Имено во нашиот Парламент се зборува на сите јазици, па и на Македонски, но наскоро слушам ќе се воведеле големи казни дури и ако се офнело или заплачело на Македонски. А казните ќе ги воведеле Македонци?! Ало?? Сега јасно ти е за што пишувам? Да ти кажам право се штипам додека пишувам, зошто мислам дека сонувам. Сакам да се разбудам и писмово да биде натопено од солзи радосници, а не јадовно. Арно ама вистина било.
Е сега, среќа што има Македонци и Македонци, па некои од нив сè уште се мислат околу висината на казните. Тука морало да се воведе ред и демократија, односно тие што ќе офкале и плачеле поцивилизирано, потивко, попрагматично, понедраматично и поконструктивно ќе плаќале помали казни…
Втората ронка што ми се корне од душава и што сакам да ја споделам со тебе е дека имале намера прво да нè разнародат, знаеш дека ни го зедоа името, ти пишав во минатото писмо, а потоа тивко на мира да нè анихилираат, односно да не збришат. Да нè нема. При тоа без да одговараат никому за геноцид, а наместо тоа, нас да нè прогласат за геноциден народ!
Трета и воедно многу поголема ронка што ми натежнала, а сè уште не е откорната и што ме јаде е еден класичен начин за анихилирање на народ и се состои во тоа да ги снабди соседите со онтолошки докази дека нас не само што нè нема, туку и никогаш не не имало. И тоа на следниов начин: Под лицемерната маска на хуманоста и денешнава Европа која чекори по работ на провалијата и кучињата ја лаат, да се измени целосно етничката слика на Македонија, да се промени словото, да се поништи сè што е национално. Потоа, да не заборавам се обидоа со државен попис да ги снема и Македонците, односно да се претворат во некое архаично племе заборавено од еволуцијата. Јас не се потпишав на пописот. Ме знаеш ти мене.
И конечно мил мој, главната моја рана се состои од можноста на еден новум во технологијата на анихилацијата на народи, а тоа е консензуалноста, односно саможртвувањето на жртвата или нејзината согласност со џелатот да биде уништена без остаток, без трага од нечие сеќавање дека жртвата некогаш постоела! За да се исполни овој технолошки услов додуша потребна е суровина од алчност за власт кај идната жртва, како и да се обезбеди тотална амнезија кај неа. Суровината ја имаат.
Обајцата заедно со ниту еден Македонец не сме ги гласале. Избрендирани како грофови, додека народот кој пак не ги избра на никакви избори, дури ни за претседатели на куќен совет, гладува и едвај сврзува крај со крај.
Французите не дојдоа по главата на Марија Антоанета најадени и облечени во најновите светски брендови. Ако французите правеа револуции, а германците ги мислеа револуциите, тогаш Сдс и Дпмне, фатени за оро, во лошо изрежирана пиеса, напишана од уште понеталентиран автор, режираат Валпургиски ноќи полни дивјачка и фашистичка амбиција за поседување било што, па макар и власт.
Арно ама, ти ветив дека добрата вест ќе ја оставам за на крај. Создаден е еден батаљон, предводен од двајца херои во Собранието за кој шо ти раскажував минатиот пат, се задава една голема сила, се раѓа една нова иднина, наоружана со храброст, зошто храброста не подразбира отсуство на страв, туку прегратка на стравот, една нова партија која револуционерно чекори напред, една голема национална, полна храброст сила, со куп чесни луѓе, кои се борат до последно да ги истребат овие шо ја опљачкаа Македонија. И нема да им простат.
Се викаат љубов, оти го љубат народот. А нашиот Македонски народ кој е длабоко и милениумски врзан со земјата врз која опстојува, со сè што е национално и наспроти сите историски бури, можат да го наречат како сакаат, но само во нивните соништа.
СДС и ДПМНЕ инкубираат ветер на магла и што повеќе да ти пишам, а да не те излажам.
Драг мој,
Прати некој абер, те молам, ти таму се дружиш со учен свет, нека ти кажат дали по Хитлеровиот неуспех да ги анихилира Евреите, дали е возможно еден народ, како народ сам себе да се самоукине??
И да, да не заборавам, дали за да се уништи ден цел народ е потребно прво да се ослободи или е можно тоа и без да се ослободи? Хм? Ајде прашај те молам, сигурна сум дека ќе ти кажат.
Дотогаш до земја ти се поклонувам и останувам твоја верна М.Г.
ПС. На маргаретките кај што падна, никој ништо не им може. Си никнат, секогаш нови, свежи од прилетниот дождец. Се множат во најубава ливада.
Думај мирно сега.