АктуелноЛокално

Во име на прогресивизмот СДСМ го троши потенцијалот на младите

  • Пишува Горјан Илиев – В.Д. Модератор на Левица – ЛО Карпош

Пробувајќи да го одбележи 8-ми Март, младинската организација и форумот на жени на партијата која во својот назив го содржи терминот социјализам, снимиле видео порака која не само што нема допирни точки со социјалистичките корени на овој празник, туку е чиста спротивност на овие принципи и уште еднаш покажува колку СДСМ е одвоен од својата идеологија и од допир со народот:

Во видеото се обиделе да ја пренесат сосема коректната порака дека “директор на градежна компанија“ не секогаш се однесува на лице од машки пол. Но, нивната приказна е за млад човек кого татко му го вози на интервју за вработување во “една од најголемите приватни градежни компании во државата“, а мајка му е директор токму во истата фирма и му се јавува за да му посака успех на интервјуто.

Овие потомци на црвената буржоазија и транзициските профитери, очигледно не се ни свесни колку погрешно звучи оваа приказна, посебно кога доаѓа од партијата која е “најзаслужна“ за криминалната приватизација во Македонија, и сигурно се зачудени од сите негативни коментари на објавата, оставени од луѓето кои се згадени од наративот на ова видео.

Во своите “прогресивни“ млади умови веројатно немаат создадено капацитет да погледнат надвор од маргините кои им се поставени од разните тинк-тенкови со кои се израснати, и да сфатат зошто на “обичниот“ граѓанин му е толку одвратна оваа порака. Да е уште потрагично, првиот од листата на овие “10 луѓе“ кои наводно се испитаници во ова видео е токму председателот на СДММ.

Идниве наследници на “заевизмот“ и “тачевизмот“ си организирале професионална камера, продукција и шминка, и потоа за видеото платиле Фејсбук реклама за да допре до повеќе луѓе. Ова не ништо поразлично од она што врвот на нивната матична партија го прави секојдневно преку агресивен ПР, односно се обидува со многу пари и “шминка“ да го сокрие и замаскира економскиот и системски неуспех на оваа влада да се справи со реални проблеми на граѓаните, како и да се покрие за сите криминали и национални предавства кои ги прави во меѓувреме.

Жално е да се сведочи потрошениот потенцијал на овие млади луѓе, кои наместо да ја насочат својата енергија кон адресирање на горливите проблеми на младите во Македонија, тие се зафатени со посетување на обуки за “прогресивизам“, па оттаму не изненадуваат и ваквите нивни сваќања. Последната објава на СДММ известува за следењето на нивните членови на “обуката за Прогресивизам, вредности и политики, во која имаат можност да научат што значи да се биде прогресивен и како најдобро да се креираат прогресивни политики, да дискутираат и ги споделат нивните сфаќања и позиции во однос на прогресивизмот.“

Еден просечен непрогресивен ум како мојот, би се запрашал: „Дали можеби нивото на прогресивизам на еден младинец го мерат според бројот на споменувања на овој термин во една реченица?

Непријатно е и да се гледа деновиве како жените од организацијата на СДСМ и нивното одбележување на 8-ми Март, ПР-от на Ковачевски ги користeше на сличен начин, со платени кампањи и скапо продуцирани видеа, кои повеќе служат за негова себепромоција по социјални медиуми, отколку да се оддаде признание на борбата за полова рамноправност.

Сведочејќи го сето ова, ние само стануваме уште повеќе горди на Црвената Младина и новоформираниот Антифашистички Фронт на Жените на Левица, кои се борат со вистинските проблеми и за реалните потреби на младите и на жените во Македонија!