Борисов заборави дека Бугарија беше фашистички сојузник – Бугарите спасувале Евреи и се бореле против најголемото зло
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов на Фејсбук напиша дека денеска се одбележуваат 80 години од спасувањето на бугарските Евреи во Втората светска војна.
Борисов не се разликува од мнозинството бугарски политичари и историчари кои ја негираат наци-фашистичката историја на Бугарија која од окупираната Македонија депортираше повеќе од 7.000 Евреи во концентрационите логори на Хитлер.
„Денеска се одбележуваат 80 години од најголемиот чин на човечко достоинство во историјата на 20 век – спасувањето на бугарските Евреи“.
Во својата објава Борисов заборава дека Бугарија е дел од фашистичката оска во Втората светска војна, додавајќи дека нивната земја се борела против „најголемото зло“ во Европа и спасила 48.000 Евреи. Ваквата намерна историска амнезија, само сигнализира дека историскиот ревизионизам има за цел да ги занемари бугарските фашистички злосторства и целосно извитопери историските факти.
„48.000 спасени човечки животи на нашите браќа и сестри нè потсетуваат дека ние сме народ чие единство можеше да ги надмине времињата на најголем страв, да се соочи и да го победи најголемото зло што Европа некогаш го знаела.
Заветите на Пешев, митрополитите Стефан и Кирил, на целиот бугарски народ и неговата општествена, културна и творечка елита мора да живеат денес, не само во спомен, туку и во нашите дела“, истакна тој.
На крајот од објавата Борисов напиша: „Бог да ги прости невините жртви на холокаустот. Почит кон споменот на спасителите и нивниот подвиг“.
Потсетуваме, депортацијата на Евреите од Македонија претставува настан од Втората светска војна организиран од владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија, со цел систематска елиминација на еврејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт.
Депортацијата на Евреите од Македонија претставува дел од депортација на Евреите од сите „новоослободени територии“ (Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Поморавјето (Србија), и Тракија). Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија.
Од Вардарска Македонија биле иселени над 7.000 Евреи, додека вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија околу 11.400.Според податоци од октомври 1945 година, на територијата на денешна Македонија преостанале само 419 лица.