АктуелноЛокално

Будимпешта: Да се запре со злосторствата врз Унгарците во Украина

Во октомври 2022 година, властите на градот Мукачево во областа Закарпатија во Украина одлучија да ги уништат унгарските симболи – споменикот на птицата Турул лоциран во замокот Паланок, и да го заменат со украинскиот трозабец.

Тензиите во односите меѓу Украина и Унгарија беа предизвикани по дискусиите за Законот за образование на Украина.

– Угнетувањето на унгарското национално малцинство во украинска Закарпатија е неприфатливо – изјави државниот секретар за билатерални односи во унгарското Министерство за надворешни работи, Тамаш Менчер, кој ги повика локалните власти да престанат со прогонот на Унгарците.

Менчер се огласи откако, според медиумите, унгарските знамиња беа отстранети од јавните институции во градот Мукачево во областа Закарпатија во Украина и во локалните села. Како што беше соопштено, разрешени се и неколку раководители на унгарски институции, блиски до Заедницата на унгарската култура.

– Антиунгарските одлуки и постапки се неприфатливи. Ние го осудуваме тоа што се случи. Ги повикуваме локалните власти веднаш да престанат со злосторствата врз Унгарците. Ги повикуваме државните органи на Украина веднаш да направат се за да ги укинат антиунгарските одлуки и се да се врати во претходната состојба – напиша Менчер на социјалните мрежи.

Според него, Унгарија очекува дека „украинските лидери ќе направат сѐ за да се одржи стабилноста во Закарпатија“, и покрај конфликтот во таа земја. Тој исто така додаде дека Будимпешта „не разбира како антиунгарските одлуки и акции и помагаат на Украина“ во актуелниот конфликт.