АктуелноЛокално

Груби, Шаќири, Битиќи, Бесими и Ковачевски во Совет за унапредување на образованието

Ќе се формира Совет за унапредување на образованието и науката по педлог на Министерството за образование и наука, а Владата вчера ја усвои информацијата за потребата од формирање на Советот.

Со работата на Советот ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.

Одлуката, како што се наведува, е во согласност со направените сеопфатни анализи за состојбите во основно, средно и високо образование и наука, ученички и студентски стандард и обезбедување на учебници, а во насока на градење јавни и транспрентни политики во образованието.

Како што информира Министерството за образование и наука, преку Советот ќе се овозможи подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми со нивна поголема насоченост кон резултатите од учење, подобра ориентираноста на програмите за стручно образование и обука кон потребите на пазарот на трудот, како и програмите во високото образование да ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот.

Интересно е тоа што во Совет за унапредување на образованието и науката нема ниту еден претставник од фелата, составен е од четворица членови чија стручна област е од фелата на економија и администрација и еден од областа на новинарството.