АктуелноЕУЛокално

За амбасадор во Брисел избран човек кој се заканувал на член на комисијата со Бугарија

Првиот човек на Директоратот за билатерални односи со европски држави, Методија Белевски бил високиот функционер од МНР кој вршел политички притисоци врз одлуките на мешовитата комисија за историја, откриваат за Алфа високи дипломатски извори од Министерството. Според брифингот кој го добивме, Белевски инструкциите ги добивал од повисоките инстанци во МНР, а неговата задача била да влијае на она што членовите на Комисијата треба да го донесат како дел од заедничката историја со Бугарија. Истите извори велат дека Белевски бил дел и од делегацијата на последната посета на македонските власти во Софија и е една од врските со тамошните институции, што се потврдува и од официјалните видеа објавени на каналот на Владата пред три месеци .  

Побаравме официјален став и од МНР за информациите дали Белевски е дипломатот кој беше посочен дека вршел политичко влијание при носењето на одлуките во Комисијата, но, и дали Министерството ќе ја преиспита работата на историчарите и ќе преземе чекори по обвинувањата на членот на Комисијата Ванчо Ѓорѓиев, кој ја напушти работата на истата.

Одговор стигна од МНР, ама не тоа што ние го побаравме. Сепак од министерството не ја демантираат нашата информација дека Белевски е дипломатот кој е директно поврзан со скандалот кој го објави професорот Ѓорѓиев.

– Министерството на ниту еден начин досега не бил дел од научната работа на Комисијата, уште помалку во создавањето содржина во рамките на работата на Комисијата… Загрижува фактот што очигледно работата на Комисијата стана предмет за дневно полички натпревар во изборен контекст, што ги загрозува кревките суштинските придобивки од нивната работа – стои во дел од одговорот од МНР.

А откако професорот Ванчо Ѓорѓиев си даде оставка од  заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, телефонски добил закана од висок функционер во мнр, објави порталот пресинг. Според сведочењето на професорот, откако им соопштил на своите колеги дека ја напушта комисијата, се слушнал телефонски со дипломатот, кој се обидувал да го разубеди за професорот да го преиспита својот став и да продолжи со работата поради чувствителноста на политичкиот момент. Но, со оглед дека Ѓорѓиев останал на своето, подоцна повторно му заѕвонил функционерот и му се заканил директно со зборовите „Да знаеш, за ова лично ќе ти се одмаздам“.

Инаку, професорот Ѓорѓиев, додал дека смета оти „високиот функционер“ не настапува лично, туку дека е пренесувач на инструкции и пораки од повисоки инстанци.

Извор: alfa.mk Ивана Соколовиќ Најдова