Левица: Владата, ЕУ и НАТО преку молк ги поддржуваат бугарските територијални претензии кон Македонија
- Реакција на Политичката партија Левица
Пред неколку дена од Народното Собрание на Република Бугарија беше испратена национал-шовинистичката порака со територијални претензии кон Република Македонија. Порака идентична на оние од периодот кога Бугарија,како фашистичка држава за време на Втората светска војна, вршеше злосторства во име на паролата „Македонија е Бугарија“.
Дополнително, оваа порака од бугарските пратеници беше поддржана и од собраниската говорница, каде бугарски пратеник истакна дека Бугарија треба да се бори за идејата од 1941 година за „една заедничка држава – Обединета Бугарија со Македонија“ и уште еднаш беше негирано постоењето на македонскиот народ, култура, јазик и држава.
За повампирувањето на големо-бугарската идеја, актуелна за време на фашизмот, за жал не наидуваме на соодветна осуда или протест, како од македонската Влада, така и од ЕУ или НАТО. Напротив, се изнаслушавме и дополнителни навреди и омаловажувања кон македонскиот јазик!
Од францускиот претседател Макрон и од холандскиот премиер Руте бевме наречени „Северномакедонци“, од тогашниот бугарски премиер Петков нашите партии беа наречени „северномакедонски“, за на крај, Европската комисија во која се застапени сите земји членки на ЕУ да распише оглас за преведување на „северномакедонски јазик“.
По нецели три години од членувањето во НАТО, со ова премолчување се потврди тезата дека оваа организација не само што не го чува територијалниот суверенитет и интегритет на државата, туку и територијалните претензии кон Македонија се директно од нејзините земји-членки.
Потсетуваме дека ова не е прв ваков чин, и дека од пратеникот во Европскиот Парламентот Џамбаски, претходно исто така беа дадени изјави со територијални претензии кон Македонија, а неосудувањето и непреземањето ништо од страна на ЕУ по ваквите изјави, резултираше со стимулирачко дејствие на негаторските бугарски политики, што веројатно во иднина уште повеќе ќе ги има.
За последниот негаторски чин, од нашата Влада не следеше речиси никаква реакција! Тие не собраа храброст да упатат ни протестна нота кон Бугарија, а во соопштението известија дека за сите овие негирања и територијални претензии испратиле само „вербална нота“ до бугарското МНР.
Сметаме дека ваквиот курс на надворешна политика кој го води државата е недозволив, а искажувањето на територијални претензии не е говор на омраза (како што оцени македонското МНР). Заради тоа:
Левица уште еднаш бара итен прекин на преговорите со Бугарија.
- Протерување на бугарскиот амбасадор од Македонија заради искажани територијални претензии кон државата директно од Народното собрание на една демократска држава;
- Бараме Владата со отворено писмо да побара извинувања од претставниците на ЕУ, кои македонскиот народ и јазик го нарекоа „северномакедонски“
- Бараме во Собранието на РМ веднаш на дневен ред да биде ставена Резолуцијата поднесена од Левица против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици и истата да биде изгласана од страна на пратениците.