Димитријевиќ: Дајте ѝ шанса на промената која ја носи Левица

„Ѓорче Петров ја живее првата четвртина од второто столетие, на што јас како иден градоначалник сум посебно горд.

Нашите иницијативи нудат можности за развој на оваа урбана општина во која што јас сум роден и сум дел од четвртата генерација во моето семејство. Пораснав со приказните за вовчето Пампурче и железничката линија до Охрид, со приказните за Соколаната во која постоеле секции за: гимнастика, пинг- понг, музика, драма, пливање, но и за спортскиот клуб ХАСК. Во Ѓорче Петров познато и како Ханриево и Жостово кое од 1945 година гордо го носи револуционерното име- постоеле седум кафеани, Друштво на Кнегиња Љубица, многу трговци поминувале и заминувале оттука, со текот на годините младината создавала култни места. Приказните за најппзнатите светски хитови отсвиренинод наши бендови на забавите во КУД, првите спортски чекори во Партизан.Сите тие се места во кои денес е заробена душата на ова мало градче во град.

Програмата којашто ние од Левица ви ја нудиме, е да им го вратиме сјајот на овие скоро 67 км2 на општината која протегајќи се помеѓу 3 реки се сеќава на убавите времиња во кои оние кои ја формираа населбата дишеа – како едно. Веќе е сменета неговата структура, но во мене постои надеж дека и денес може да се врати на старите навики, на соживотот во сите сегменти на постоењето.

Да им обезбедиме нормално и убаво детство на новите генерации, да не живеат во место на бетонот, да го претвориме во урбана оаза во која секој ќе се чувствува достоинствено. Сметам дека разумот ќе надвладее и дека гласањето и бирањето градоначалник нема да зависи од изборот по инерција.

Дајте ни шанса да ви покажеме колку можеме и колку го сакаме Ѓорче Петров, затоа што му требаме на Ѓорче Петров кое во цел изминат период преку протести и негативни коментари моли за помош. Не преостанува ништо друго освен да ја обистините нашата искрена намера да му помогнеме на ова парче скопска земја да биде убаво место за живеење во кое ќе се вратат среќата и гордоста на постоењето.

Вие како наши сограѓани од урбаниот ѓорчепетровски дел и од руралните средини како: Волково (заедно со населбите Пржина и Стопански Двор), Грачани, Кисела Јабука, Кучково, Никиштане, Ново Село и Орман ќе ставите крај на понижувањата, на континуираното лажење и крадење на општината и со заокружувањето на нашата опција и моето име ќе ни дадете можност да успееме да го сочуваме од урбаната мафија, да му дадеме зеленило, паркови, радост и надеж дека сѐ може да се случи кога се сака. Дајте ѝ шанса на промената која ја носи Левица.

Со почит, Александар Димитријевиќ- кандидат за градоначалник на Општина Ѓорче Петров од Левица.“