Збигњев Бжежински – Како Џими Картер и јас ги создадовме Муџахедините
Текстот е превод на интервју со Збигњев Бжежински за францускиот весник, Le Nouvel Observateur (France), од јануари 1998, стр. 76* Бжежински му беше советник за национална безбедност на американскиот претседател Џими Картер во седумдесеттите години на 20 век.
Прашање: Поранешниот директор на ЦИА, Роберт Гејтс, во своите мемоари („Од сенките“) кажа дека американските разузнавачки служби започнале да ги помагаат муџахедините во Авганистан 6 месеци пред Советската интервенција. Во овој период вие бевте советник за национална безбедност на претседателот Картер. Значи игравте улога во оваа афера. Дали е тоа точно?
Бжежински: Да. Според официјалната историја, ЦИА започна да ги помага Муџахедините во осумдесеттите, односно дури после советската инвација на Авганистан, на 24 декември 1979. Но, реалноста која беше држена во тајност до сега, е сосема различна: всушност, на 3 јули 1979 година, Претседателот Картер ја потпиша првата директива за тајна помош за противниците на про-Советскиот режим во Кабул. На истиот тој ден, јас му пратив нота на Претседателот во која му објаснив дека ова ќе испровоцира воена интервенција од страна на Советскиот сојуз.
П: И покрај ризикот, вие бевте поборник на оваа тајна акција. Всушност можеби и посакувавте Советскиот сојуз да влезе во војна и баравте начин тоа да го испровоцирате?
Бжежински: Не е баш така. Ние не ги втурнавме Русите кон интервенција, но ние свесно ја зголемивме веројатноста дека тоа ќе се случи.
П: Кога Советскиот сојуз ја оправда интервенцијата со тврдењето дека се борат против тајното вмешување на САД во Авганистан, луѓето не им веруваа. Но, сепак имаше вистина во тоа. Дали се каете денес за нешто?
Бжежински: За што да се каам? Таа тајна операција беше одлична идеја. Го постигна ефектот да ги вовлече русите во авганистанската стапица, а вие барате од мене да се каам? Денот кога Советскиот сојуз официјално ја премина границата, му напишав на Претседателот Картер: „Сега имаме можност на СССР да му ја дадеме неговата Виетнамска војна. Навистина, цели 10 години Москва мораше да продолжи со војна која не беше поддржана од Владата, конфликт кој доведе до деморализација и конечно до распад на Советската империја.
П: Не се каете ни поради тоа што ги поддржавте исламистите, односно идните терористи ги опремивте со оружје?
Бжежински: Што е поважно за историјата на светот? Талибан или колапсот на Советската империја? Некои загреани Муслимани или ослободувањето на Централна Европа и крајот на студената војна?
П: Некој загреани Муслимани? Но денес Исламскиот фундаментализам претставува светска закана
Бжежински: Глупости! Се зборува за тоа дека Западот има глобална политика во однос на Исламот. Тоа е глупаво. Не постои такво нешто како глобален ислам. Погледнете го Исламот рационално, но не со демагогија или со емоција. Исламот е водечката религија во светот со над 1,5 милијарда верници. Но што е заедничкото помеѓу Саудискиот фундаментализам, умереното Мароко, Пакистанскиот милитаризам, Египетските про-западњаци или секуларизмот од централна Азија? Ништо повеќе од тоа што ги обединува Христијанските држави.