Крмов најави целосна блокада на Собранието – ги повика и ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов денеска најави дека неговата партија ќе ги блокира сите закони на власта, поради злоупотребата на европското знаменце, посочувајќи го како пример законот за државјанства. Причината за ваквиот потег, како што кажа Крмов, е зачестената пракса на пуштање на закони во скратена постапка, дискриминација на неалбанските пратеници кои добивале закони двојазично, а не само на македонски, како и злоупотребата на европското знаменце.
-Зборуваме за закон донесен зад затворени врати меѓу Алијанса/Алтернатива и СДСМ, издејствуван преку блокада во Собранието. Самите Алијанса и Алтернатива се фалеа дека ќе пумпаат 70 до 80 илјади државјанства со овој закон, баш пред пописот. Овој закон беше блокиран од Левица на Комисијата за одбрана и безбедност и сега власта, на очиглед на јавноста, го враќа назад и го пушта со европско знаменце, само да помине шверцерски и нè става пред свршен чин. Како е можно еден Закон, до вчера да не се носи со европско знамеце, сега одеднаш да стане со европско знаменце, сега одеднаш да мора да се усогласуваат со некои си европски регулативи, значи такво нешто е невозможно, вели Крмов.
Според него ,најголемиот проблем е тоа што овој закон ја крши Европската конвенција за државјанства, којашто ние ја имаме ратификувано.
-На ваков начин шверцување на овај закон претставува кривично дело и тоа кривично дело за сите потписници во целата фаза на законот како што ќе оди во процедура. Значи, почнувајќи од Министерството за надворешни работи, таму ќе биде потписот на министерот Оливер Спасовски, понатаму потписот на премиерот Заев како предлагач од Владата, претседателот Џафери, кој што треба да го пушти во процедура, на крај дури и претседателот Пендаровски, кој што треба да го потпише. Сите тие подлежат на кривична одговорност и треба да внимаваат што прават, кажа пратеникот на Левица.