АктуелноЛокално

(Видео) Меѓународните договори преку кои беа протерани Mакедонците од Егејска Македонија

По повод Светскиот ден на бегалците, потсетуваме на трагичната историја на Македонците во Егејска Македонија, кои насилно, со сите средства на терор од страна на грчките власти, беа избркани од своите домови или асимилирани. Со молкот на Европа, ваквиот прогон во денешна Грција трае и ден – денес.

Создавањето на Версајска Европа, со многу национални и територијални нерешени проблеми, со малцински прашања, ја принуди конференцијата овој проблем задолжително да го реши во рамките на политички новосоздаденото статус-кво во Европа. Принципот што беше прифатен за решавање на малцинските проблеми, што постоеја во многу земји во Европа, беше принцип за почитување и признавање на малцинските права, во рамките на постојните новосоздадени држави. Исклучок од овој принцип постоеше со мировниот договор меѓу Бугарија и Грција, кои го прифатија (теоретски) принципот на почитување на правата на малцинствата, но, со можност и право на иселување врз основа на т.н. „доброволна основа“ на т.н. Бугари од Македонија, Бугари од Западна Тракија и Грци од Бугарија.

Ако во периодот 1912-1919 година, грчката влада се стремеше да го реши прашањето на македонското население од егејскиот дел на Македонија со воени средства, по 1919 година и по Нејскиот мировен договор, ова прашање се решаваше со политички средства, со што грчката држава, користејќи ги поволните политички услови, постигна големи резултати во правец на елинизирање на егејскиот дел на Македонија. 

Спогодбата меѓу Грција и Бугарија за таканаречено доброволно иселување на населението, всушност беше само еден меѓународен договор, под кој се криеле размерите на вистинскиот геноцид што го доби доброволното иселување на Македонците од егејскиот дел на Македонија. За што најчесто, наводното доброволно иселување, секогаш значеше присилно прогонување на македонското население од страна на властите.

Македонците беа истерани од нивните домови, од имотот и беа ограбени од страна на грчката држава. Нивниот имот им беше подарен на бегалското грчко и негрчко население дојдено од Азија, Европа, Африка и Австралија, со намера да се измени етничкиот состав во егејскиот дел на Македонија. 

Грчката власт преку политиката на терор што ја спроведуваше, создаде атмосфера на страв и крајна несигурност. Така, македонското население беше принудено божемно доброволно да се исели во Бугарија. Теророт во Воденско, на пример, зеде толкави размери, што во писмото што го испратија воденчани до македонските братства во Бугарија се велеше дека маките што ги трпат само историјата може да ги опише. 

Поради секојдневните малтетирања и поради фактот што Македонецот не беше сигурен дали ќе го види утрешниот ден, голем дел од македонското население беше принудено да мигрира и да бара спас во бугарското кралство, во САД, Канада и во Австралија. Во услови на непрекинат притисок во периодот на 1913-1928 година, беа принудени да емигрираат околу 86 000 Македонци што претставува 28% од целокупното македонско население што живееше во Егејска Македонија по 1913 година. 

Меѓутоа, во Лозана беше создадено едно ново меѓународно правило: општопризнатиот и прифатен принцип на почитување на малцинските права во рамките на Грција и Турција, беше отфрлен како неприфатлив и се прифати принципот на задолжителното иселување на населението меѓу Грција и Турција, односно протерување на сите турски граѓани од нетурско потекло (според црковната припадност од страна на Турција) и протерување на сите негрчки граѓани со негрчко потекло и со муслиманска припадност од Грција.

Според договорот во Лозана од 1923 година, меѓу Кемал Ататуркова Турција и поразената Грција се предвидуваше задолжителна размена на христијанското население од Турција и муслиманското население од Грција. Иселувањето, како што правилно констатираат од членовите на друштвото на народите за колонизирањето на христијанскиот елемент во Грција, претставува голема новина во историјата. Настан без преседан во историјата на миграцијата на народите. Грчката влада разви висока политичка активност за враќање на Грците во татковината. Голем број Грци или нивните потомци, врз основа на Јусес Санкфинис од грчко потекло, се вратија во Грција. Врз таа основа во Грција, воглавно на Егејска Македонија, дојде голем број население од грчко и негрчко потекло, што живееше во Азија, Европа, Америка, Африка и во Австралија. На тој начин, во егејскиот дел на Македонија како резултат на т.н. надворешна и внатрешна грчка колонизација, само во периодот од 1912 до 1928 година беше колонизирано вкупно 620 000 население, различно по потекло, јазик, култура, обичаи и традиција. Истовремено, врз основа на Лозанскиот мировен договор во Турција беа протерани 40 000 македонци. 

Грчката држава, покрај т.н. доброволно и задолжително иселување ги користеше и сите други можности за намалување на бројноста на македонското население во егејскиот дел на Македонија. Една од тие можности беше и неприфаќањето на Македонците при враќањето во татковината, а, кои заминале во странство пред и по 1913 година. Ова е население кое од економски причини заминало во Европа, Америка и ја сочинувало т.н. економска миграција. Овие луѓе биле запишани во посебни книги и строго им се забрануваше враќањето во земјата. Илјадници лица од егејскиот дел на Македонија побараа враќање во земјата од грчките дипломатски претставништва, но беа одбиени, зошто за нив не постои ни татковина, ни семејство, ни што и да е друго. 

Во периодот на Втората светска војна, Македонците масовно учествуваа во антифашистичката војна, придонесувајки во заедничката борба на народите за прогрес и за нивна национална и социјална слобода. Но, по договорот од Варкиза од 12 февруари 1945 година, грчката емигрантска влада што ја презема владата со помош на Велика Британија, почна бел терор против грчките прогресивни сили и особено против Македонците.


Извор: Документарно видео за геноцидот над Македонците во Егејскиот дел на Македонија ,1986 година