АктуелноЛокално

Под оваа Власт сè е на тезга, само хонорарите и бизнис-интересите се провираат под маса

Од една влада на држава се очекува да го штити здравјето и интересите на своите граѓани како потрошувачи на храна. Оваа должност може да се исполни со спроведување на ефективен и транспарентен систем за контрола на храна што ги разгледува сите аспекти на синџирот на производство и дистрибуција на храна од нива до трпеза, вклучувајќи: производство на добиточна храна, примарно производство, преработка на храна, складирање, транспорт и малопродажба (како за домашно, така и за увозно производство). 

Владите имаат клучна улога во поставувањето политика и обезбедувањето законодавство кое утврдува минимални безбедносни барања за прехранбените производи, како и стандарди кои бизнисите со храна мора да се исполнат. Потоа, задача на владата е да се осигура дека бизнисите со храна се придржуваат кон овие барања – преку обуки, инспекции и земање на мостри за анализа. Со спроведувањето на националните програми за надзор и следење на храната, владите можат да проверат дали воспоставените контроли се доволни за одржување на безбедно и здравствено исправно снабдување со храна. 

Конечно, за да се обезбеди сето тоа, односно здравјето и интересите на потрошувачите да бидат навистина заштитени, владите мора да го осигурат истото преку навремени, фактички и избалансирани информации за безбедноста на храната. Целта на мониторингот на храна е да се заштити јавното здравје, да се превенираат и избегнат фалсификати на храната и да се олесни трговијата со безбедна храна. Поради тоа постоењето на државен и ефикасен контролен систем е од суштинско значење. Исто така, клучно е да им се овозможи на земјите да обезбедат безбедност и квалитет на нивната храна што влегува во промет преку меѓународна трговија, како и да се осигура дека увезената храна е во согласност со националните барања. Како и да е, новата глобална средина за трговија со храна поставува значителни обврски, како на земјите увознички, така и на извозниците со цел зајакнување на нивните системи за контрола на храна, преку спроведување на перманентна контрола врз храната заснована врз ризик стратегии. Воспоставувањето и негувањето на националниот систем за контрола на храната е улога на владата. Така е во светот, така е во ЕУ, тaка треба да биде и кај нас. Но дали е така и кај нас?

Во нашата држава постојат три државни лаборатории во кои се испитува храната според стандардите и барањата на ЕУ. Тоа се Републичкиот завод за здравствена заштита, Факултетот за ветеринарна медицина и Лабораторијата за фитосанитарна заштита. Сите овие лаборатории работат под постојан мониторинг на соодветни агенции на ЕУ, со обучен и стручен кадар, со најсовремена опрема и со по стотина акредитирани методи кои редовно се контролираат од меѓународни независни аудитори. До пред неколку години овие лаборатории се грижеа за мониторингот на храната и здравствената исправност и безбедност. 

Сигурно повеќето граѓани се сеќаваат на аферите со афлатоксините во млекото, листеријата во месото и слично, кои токму овие лаборатории ги разоткрија и за истото ја алармираа јавноста. Но, со доаѓањето на СДССМ на чело на Агенцијата за храна и ветеринарство, започна разнебитувањето на овој многу значаен сектор. Имено, под превезот на либерализација на пазарот на лабораториски анализи се дозволи влез на странски лаборатории кои челниците на АХВ започнаа да ги фаворизираат. Сето тоа кулминираше со доделување на тендерот за мониторинг на храна на српска лабораторија, која ни оддалеку не ги исполнува стандардите за квалитет, со образложение дека тие биле понудувач со најниска цена. Ова е единствен случај во ЕУ државниот мониторинг на храна, кој значи заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите да биде доделен на приватна лабораторија, а уште поединствен случај е кога е тоа лабораторија на соседна земја. Патем кажано, останатите приватни лаборатории за анализа на прехранбени производи се основани со бугарски капитал. Какви реперкусии ќе има оваа одлука на владата? 

Храната која доаѓа на нашите пазари ќе нема следливост од домашните власти, потрошувачите никогаш нема да се сигурни во тоа што го јадат, ќе остане простор за манипулација со здравствената исправност и безбедност на храната, државниот интерес и интересот на граѓаните ќе зависи од свеста и одговорноста на приватните лаборатории, државните лаборатории во недостиг на средства и анализи ќе започнат да пропаѓаат и пазарот, многу веројатно, ќе се претвори во депонија на секаков вид на храна со непроверено потекло и квалитет на штета на нашето и здравјето на нашите деца.

Станува повеќе од очигледно дека уште еднаш се тргува со општото добро за приватни интереси, при што буквално во залог се ставаат здравјето и квалитетот на живот на граѓаните на државава.