Почина иконата на македонската театарска сцена актерката Соња Каранџуловска
Почина актерката Соња Каранџуловска, долгогодишна членка на Македонскиот народен театар и една од најзначајните имиња во историјата на македонската сцена. Имаше 77 години.
Каранџуловска (1948–2025) беше дел од првата генерација дипломирани актери на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде студираше во класата на проф. Илија Милчин. Нејзината професионална кариера започна во 1974 година во Македонскиот народен театар, но на сцената настапуваше уште претходно, со првата улога како Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ во 1973 година.
Во текот на нејзината богата театарска кариера, одигра бројни значајни улоги: Ангелина во „Потоп“, Лиза Дроздова во „Бесови“, Нора во „Габи“, Анка во „Госпоѓа министерка“, Марија Луиса Балванера во „Еригон“, Болничарка во „Мара/Сад“, и многу други. Последната улога ја одигра во „Троил и Кресида“ (2010).
Посебно внимание привлече со монодрамата „Клитемнестра“, премиерно изведена во 2002 година, која беше израз на нејзината посветеност на уметноста, нејзината амбиција и работна етика. Со оваа претстава настапи на повеќе регионални фестивали, вклучувајќи ги Битолскиот фестивал на монодрама, фестивалот во Земун и „Барско лето“ во Црна Гора.
Покрај театарот, Соња Каранџуловска остави белег и во македонската телевизија и филм. Настапи во низа ТВ филмови и серии, меѓу кои „Време води“, „Година на мајмунот“, „Томе од бензиската пумпа“, како и во познатите серии „Македонски народни приказни“, „Преспав“, „На наш начин“, „Обични луѓе“ и многу други.
Со нејзиното заминување, македонската култура изгуби уметничка величина чијшто талент, дисциплина и љубов кон сцената оставија длабоки траги во театарската историја на земјата.