Разбиена криминална група за ликвидации по нарачка – аларм за безбедносниот систем во Македонија
Во рамки на истрагата под кодно име „Бункер“, Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Македонија, во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), конечно, изврши претреси на пет локации во Скопје. Притоа, четири лица беа приведени под сомнение за учество во организирана криминална група која се занимавала со убиства по нарачка и од одмазда. Во домот на еден од осомничените е пронајдено поголемо количество на марихуана, што ќе биде предмет на вештачење.
Според обезбедените докази, осомничените се дел од криминална група која дејствувала подолг временски период, со цел вршење на кривични дела убиство од одмазда и по порачка. Групата функционирала по строго хиерархиска структура, при што организаторите донесувале одлуки за тоа кој, кога и како да биде лишен од живот. Извршителите ги прифаќале и спроведувале овие одлуки, користејќи различни методи, вклучително и следење на жртвите и употреба на огнено оружје.
Оваа акција, иако значајна, доаѓа со огромно доцнење, отсликувајќи ја фригидноста и незаинтересираноста на власта да се справи ефикасно со сериозните безбедносни закани што организираниот криминал ги создава во земјата.
Според докази, оваа криминална група дејствувала со години, вршејќи убиства од порачка и одмазда. Тие имаа поддршка и организација која не е случајна, туку резултат на сериозен недостаток на контрола и превенција од страна на институциите.
Додека жртвите се соборувале на улиците, додека невини граѓани биле загрозени, институциите со години не реагираа доволно брзо, дозволувајќи криминалците слободно да делуваат, што ја вклучува и сопствената неспремност да ги разоткријат и санкционираат на време.
Во јули 2023 година, тројца од осомничените, поттикнати и по порачка од организатор на групата, презеле дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставена организирана криминална група. Во мај 2024 година, пред објект на т.н. пластичарска улица во Скопје, двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина, при што повредиле други лица, од кои едно лице починало.
Во јануари 2024 година, беше разбиена криминална група осомничена за шверц на кокаин од Јужна Америка и убиства по нарачка. Групата, предводена од лице со иницијали Ш.М. од селото Грчец, организирала транспорт на 435 килограми кокаин од Бразил до Белгија, при што дел од дрогата бил наменет за наркопазарот во Македонија. Исто така, групата била инволвирана во неколку убиства, вклучително и двојното убиство во Чаир во март 2021 година.
Криминалните групи често имаат добро воспоставени мрежи и користат напредни технологии, како што се енкриптирани комуникации, за да ги координираат своите активности. Дополнително, постојат индиции за инфилтрација на криминални структури во институциите на системот, што дополнително го отежнува нивното откривање и санкционирање.